Проф. Ивановска-Котевска за масакрот во Белград: Доколку булингот не се третира соодветно, не може да се исклучи можноста ваков крвав пир да се случи и кај нас

од Nikola Popovski

Србија и регионот се завиени во црно и се уште во шок по вчерашниот напад во училиштето во Врачар, Белград, кога 13-годишниот Коста Кецмановиќ отвори оган и уби девет лица, од кои осум деца. Потоа сам се пријавил во полиција, по што признал дека тоа го планирал еден месец, по што бил сместен во посебен дел на белградската Клиниката за невропсихијатрија. Приведени се и родителите на момчето, додека на таткото како сопственик на двете оружја, со кои е пукано му е одредена мерка притвор од 48 часа. Владата на Србија одлучи од петок да стапи во сила тридневна жалост. Уште денес неколку просветни синдикати во Србија најавија прекин на наставата за утре во училиштата, а се поставува и прашањето колку децата од психолошки аспект би можеле повторно да се вратат во клупите после ваков траорен настан.

Околу причините што може да доведе до причините за вакви мисли од страна на ученикот, „Локално“ поразговара со професорката по психологија, м-р Николина Ивановска Котевска. Таа за нашата редакција изјави дека кога станува збор за рана возраст кај личноста, најголема и клучна улога за појава на психолошките абнормалности од ваков карактер има семејството т.е. родителите или старателите.

-Тие се оние кои се најодговорни за менталното здравје на детето. Тие се оние кои треба да го познаваат своето дете и соодветно и здраво да реагираат на неговите потреби, однесувања и сигнали кои ги испраќа, оценува професорката.

Потенцира дека улогата на училиштето (најмногу во препознавање и справување со врсничко насилство кое најверојатно по она што можам да го заклучам од медиумите) е една од главните причини во овој случај, но и групата на врсници како и целиот контекст на општествениот, политичкиот и социјалниот систем.

-За жал живееме време во кое технологијата се развива многу побрзо отколку самиот човек и тоа е многу сериозен проблем кој се игнорира со години, ни вели професорката.

проф. Николина Ивановска-Котевска

На прашањето дали детето треба да биде подложено на посебен психијатриски третман, со оглед дека, според српското МВР, не изразил каење при делото, Ивановска-Котевска смета дека психолошко советување и психотерапија е неопходна како за сторителот, така и за останатите дечиња и родители кои се дел од случајот без разлика дали се повредени или очевидци.

-Сепак колегите кои би требало да се вклучат во самиот процес, верувам дека ќе направат соодветна психолошка процена и ќе помогнат во справувањето со психолошките последици кои следат, посочува експертката.

Ивановска Котевска не информира дека досега кај нас не сретнала млади лица со вакви слични мисли како Коста Кецмановиќ, но истакнува дека има случаи на насилство.

-Доколку булингот не се третира соодветно, за жал, никој не може да ја исклучи можноста дека би се случило и кај нас. Третманот на вакви или слични ситуација се одвива на повеќе нивоа, индивидуално, со жртвата, со оние кои вршат насилство и со родителите, но и групно, со групата во која се забележува одредено абнормално однесување. Но не само булинг, одговорноста на родителите, наставниците и на стручните служби во училиштата е да препознаат било каква психолошка симптоматологија кај секое дете и соодветно да ја третираат истата. Секое дете ни праќа сигнали, наше е да ги препознаеме и да го научиме како да се справи со било какви психолошки потешкотии, децидна е професорката по психологија.

Соговорничката е категорична дека на децата им е неопходна љубовта и вниманието од нас возрасните и од врсниците.

-Секој од нас кој е самосвесен јасно му е дека целото општество се движи во насока на нормализирање на патолошкото. И свесни сме дека тоа произлегува од центри на моќ кон кои имаме чувство дека на индивидуално ниво неможеме ништо да направиме. Но од друга страна, ако секој еден од нас како родител разговара и поминува квалитетно време со своето дете, го контролира што тоа прави, што гледа, што игра, и ако и од улога на наставници го правиме истото тогаш ние сме тие кои имаат контрола и влијание врз менталното здравје на детето, укажува Ивановска-Котевска.

Вели дека лично многу ѝ пречат изговорите од типот „такви се овие деца со телефони“.

-Свесна сум дека за голем дел од родителите најлесно е да се даде електронска дадилка на детето, но за жал последиците се огромни, цената која ја плаќаат нашите деца е превисока, а овој грозоморен чин кој се случи во Белград, во кој според информациите од медиумите планот е креиран од видео игра, е уште еден од доказите за немањето контрола и свесност што нашите деца прават и играат, порачува професорката.

Што се однесува до институциите и политиката, Ивановска-Котевска смета истакнува дека неопходно е сериозно да превземат мерки за ограничување на социјалните мрежи кај децата, видот на видео игри кои ги играат, како и начинот на користење на смарт технологијата.

-Потребни се и сериозни обуки на образовниот кадар од предучилишна па се до средношколска вораст, она што можам да го забележам е дека голем дел од наставниците не препознаваат и соодветно не се справуваат со психолошките сигнали и проблеми кај децата. Но како и да е, сепак семејството е основната клетка во општеството и најголемата одговорност е кај родителите. Децата се онакви какви ние ќе дозволиме да бидат, заклучува професорката по психологија.

Н.П.

Слични содржини