Проф.Трајковски: Свадбарите нека побрзаат со гужвите летово, не знаеме што носи есента

од Берта Китинска

Полека наближуваме до важната граница од 20 нови случаи за 14 дена на 100.000 жители, границата на прв степен на ризик од ширење на заразата, односно нивото на спорадично заразување, пишува во својата нова ковид-анализа професорот Дејан Трајковски од Технички факултет во Битола.

-Ефективниот репродукциски број Rt по малку се поткрева, но можеме да сметаме дека тоа повеќе се должи на приближувањето на долното плато (нивото на спорадично заразување) отколку на зголемената преносливост на вирусот – барем засега.

Ќе ја следиме ситуацијата во Велика Британија, европскиот рекордер според стапка на вакцинираност, каде ефективниот репродукциски број веќе извесно време е над единица и каде индискиот сој на вирусот B.1.517 забрзано се шири во градовите со поголема застапеност на индиско население. Бројките засега им се мали, но Rt>1 (мерилото на забрзувањето) кажува дека порастот на бројките е неминовен. За сите коишто мислат дека кај нас бранот е сузбиен благодарение на доволниот степен на колективен имунитет од прележување, еве еден разочарувачки податок.

Во Велика Британија, земја со официјално поголема кумулативна инциденца отколку во Македонија (имаат поголем вкупен број на дијагностицирани од почетокот на епидемијате до денес, сметано на милион жители) и стапка на вакцинираност со најмалку една доза вакцина од речиси 60%, а со две дози од близу 40%, седумдневниот просек на дневниот број на новодијагностицирани на милион жители изнесува 43, наспроти македонските 16. Тоа воглавно се должи на индискиот сој на вирусот и ова нека им послужи како последно предупредување на нашите власти за затворање на границите, ако не сакаат да го видат истото сценарио и тука.

Посериозните европски држави, на пример Германија, веќе наметнаа ограничувања за влез во државата. Мерките се преземаат додека вирусот не пристигне, бидејќи потоа ќе биде доцна. Патем, да не заборавиме дека кај нас стапката на вакцинација со најмалку една доза изнесува одвај 11,2%, а со две дози занемарливи 3,4%.

Кога сме веќе кај потребниот степен на колектiвен имунитет, кој врз основа на темпото на спуштање на епидемиолошката крива и некои други фактори пред извесно време го проценив на 50% – 65%, сега морам да дадам една, можеби разочарувачка корекција или дополнение. Врз основа на еден друг показател, стапката на серопреваленција (присуство на IgG антитела во крвта, индикатор на прележаност на ковид-19), работите не изгледаат толку розово.

За таа цел ќе се потсетиме на скринингот на неутрализирачки (IgG) антитела извршен во Скопје на почетокот од март 2021 од страна на Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

„Обработката на податоците покажа дека 31 отсто од испитаниците имаат антитела или секој трет граѓанин прележал COVID-19. Во анализата беа земени примероци и од луѓе кои знаеле дека го прележале вирусот, но и од испитаници кои не биле заразени или пак не знаеле дека прележале“, рече директорот на Институтот Александар Петличковски за порталот „Сакам да кажам“. „Ваквите разулати кажуваат дека земјава е на половина пат кон создавање колективен имунитет, за што е потребно болеста да ја прележат најмалку 60 отсто од граѓаните.“ објасни тогаш Петличковски.

Иако испитувањето беше спроведено само со граѓаните на Скопје и тоа непосредно на почетокот на пролетниот бран, моите најпрости пресметки покажуваат дека во државни рамки денеска, по завршувањето на пролетниот бран, стапката на серопреваленција многу не се покачила. Имено, ако пропорцијата на серопревалентни во Скопје во март била p=31%, стандардната грешка при 1.000 испитаници изнесувала sigma.p = sqrt(0.31*(1-0.31)/1000) = 1,46%, што дава 95% интервал на доверба за серопреваленцијата помеѓу 28,1% и 33,9%.

Ако ги земеме кумулативните инциденци за Скопје (на 07.03.2021 изнесувала 7.646 случаи на 100.000 жители) и за Македонија (на ден 23.05.2021 изнесувала 7.494 случаи на 100.000 жители), тогаш со користење на соодносот 7.494/7.646=0,98 добиваме дека интервалот на доверба за стапката на серопреваленција за целата популација на Македонија на ден 23.05.2021 изнесувала помеѓу 27,5% и 33,2%.

Под претпоставка дека при време на полураспад на антителата од 108 дена не можело да дојде до позначително губење на серопреваленцата на антитела од минатото лето, можеме со извесна сигурност (нејасно колкава) да заклучиме дека степеност на прележаност се уште е прилично далеку од потребните 75% за стекнување колективен имунитет против британскиот сој на вирусот (и останатите соеви со слична преносливост од R0=4). Ако се навратиме на случајот на Велика Британија, така се склопуваат коцките од мозаикот.

Тука би ни била од голема помош информација од солиден имунолог, кој треба да каже дали е можно да се развие клеточен имунитет од мемориски Т и Б клетки, без развивање на IgG антитела. Врз основа на научниот факт дека антитела се развиваат кај повеќе од 90% лица коишто биле инфицирани со САРС Ков2, според моето скромно мислење не можело да се развие значително повисоко ниво на клеточен имунитет од погоре пресметаните нивоа на серопреваленцата на неутрализирачки антитела. Но, ако серопреваленцата се намалува под ниво на детектабилност после само 3-4 месеци, тогаш е можно скринингот да дал потценета серопреваленца, па клеточниот имунитет сепак да е значително повисок, односно да сме поблиску до колективниот имунитет од прележување.

Заклучуваме дека моменталното стивнување на епидемијата во најголема мерка се должи на сезонскиот фактор, односно доаѓањето на летото и завршувањето на на 8-неделниот циклус на пролетниот бран, во комбинација со досегашната прележаност, чие влијание сепак е дискутабилно.

На есен, со заладувањето на времето и пристигнувањето на индискиот сој на вирусот, доколку не биде извршена вакцинација на најмалку 1,1 милион граѓани на Македонија, постои извесна веројатност за избувнување на нов бран, кој сепак би бил барем двојно послаб од претходните бранови (заради прележаноста и вакцинираноста).

Нека им е со со среќа на сите свадбари, подобро нека побрзаат и нека завршат со свадбите и гужвите летово, затоа што не знаеме што носи есента, пишува Трајковски.

Слични содржини