Први слики од ракетата што „излезе од контрола“: „Урнатините ќе паднат на населени места“

од Vladimir Zorba

Астрономите ја објавија првата слика на кинеската ракета „Long March 5B“ во орбитата, која „излезе од контрола“ во вселената оваа недела и треба да падне назад на Земјата во наредниот период – но не се знае точно кога и точно каде.

Проект на виртуелен телескоп со седиште во Италија „улови“ летало кое изгледа како блескава светлина додека минуваше над роботскиот телескоп на групата „Елена“.

Кинеската ракета се најде во насловните страници оваа недела бидејќи се покажа дека масивното летало од 21 тон „ќе падне неконтролирано“, со можност тоа да се случи во населено место.

Ракетата се движеше „екстремно брзо“ кога во средата вечерта се издигна на висина од над 750 километри над телескопот.

Џанлука Маси, астроном од Проектот за виртуелен телескоп, кој ја фотографираше, рече дека „додека Сонцето беше само неколку степени под хоризонтот, небото беше неверојатно светло, што ги прави екстремни условите за снимање“.

„И покрај тоа, нашиот роботски телескоп успеа да го фати овој огромен отпад“, вели Маси.

Вселенските агенции и астрономите ширум светот го следат патот на „Long March 5B“ со надеж дека подобро ќе се подготват за неговото враќање на Земјата.

Најновите информации покажуваат дека се очекува да падне на Земјата во сабота, на 8 мај, и веројатно делови од остатоците ќе паднат на населените места, предупредува американската влада.

Слични содржини