Првиот брод натоварен со храна плови кон Газа

од Vladimir Zorba

За прв пат во повеќе од пет месеци војна, брод натоварен со храна го напушти Кипар во вторникот за опколениот Појас Газа, чие население е на работ на глад додека Израел продолжува со бомбардирањето кое однесе десетици животи во изминатите 24 часа.

Додека населението на работ на гладта вика за помош, бродот на шпанската невладина организација „Open Arms“ го напушти пристаништето Ларнака, на околу 370 километри од Газа. Тој плови низ хуманитарниот коридор воспоставен од Европската Унија и неколку други земји.

Бродот е натоварен со 200 тони храна која ќе ја дистрибуира низ Газа американската организација World Central Kitchen, чии тимови почнаа да градат пристаниште за истовар на товарот.

Кипар, најблиската членка на ЕУ до Газа, објави дека подготвува втор, „многу поголем“ товар.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, пред Советот за безбедност на ОН ја осуди употребата на гладот ​​како „воено оружје“. „Оваа хуманитарна криза не е природна катастрофа (…) таа е предизвикана од човек“, рече тој.

Арапските и западните земји секојдневно доставуваат помош од воздух повеќе од една недела и воспоставија поморски коридор со Европската унија до опустошената палестинска територија под израелска опсада.

Бидејќи огромното мнозинство од 2,4 милиони жители на Газа се изложени на ризик од глад, ОН повторуваат дека оваа помош не може да ја замени копнената рута контролирана од израелските власти.

„Во Газа треба да има 300 камиони со храна секој ден“, рече директорката на Светската програма за храна Синди Мекејн. „Времето истекува. Гладниот народ на Газа не може повеќе да чека“, рече таа.

Слични содржини