Работоспособните приматели на социјална помош ќе треба да се вратат на работа

од Vladimir Zorba

„Евидентно е дека имаме недостиг на работна сила, но имаме и голем број на домаќинства приматели на гарантирана минимална помош, кои се работоспособни. Правиме измени во Законот за социјална заштита за да ги вратиме на пазарот на труд“ рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „24 анализа“ на ТВ24.

Таа додаде дека државата не може да си дозволи со години некои луѓе да ги става во системот за социјална заштита, тие таму да се навикнат и да не работат.

„Со измените на законот нема да може да се одбива работа ако се приматели на гарантирана минимална помош. Условите за влез во системот на заштита беа олабавени поради коронакризата, но време е да ги заостриме критериумите. Треба да ги вратиме на пазарот на труд сите кои три години се во системот на социјална заштита и се осеќаат комотно, а можеби работат на црниот пазар и во сивата економија“ рече Тренчевска.

Министерката додаде дека тие нема да ги загубат сите права од социјалната заштита, со цел да биде попримамливо пријавувањето за работа.

Тренчевска додаде дека за недостигот на работна сила ќе се прави и реорганизација на јавната администрација.

„Треба да се прави и реорганизација на јавната администрација. Може да имаме поголемо зголемување на платите таму ако имаме помала и поефикасна јавна администрација“ рече Тренчевска.

Министерката додаде дека државата едно по едно ги решава проблемите, но дека доколку и покрај овие преземи чекори се види дека недостасува работна сила ќе се размислува за увоз на работници од други држави.

Слични содржини