Рангник за Роналдо: Не знам дали е среќен, важно е да е фит

од Nikola Popovski

Кристијано Роналдо поради повреда не настапи за Манчестер Јунајтед на натпреварот против Манчестер Сити, а веднаш почнаа шпекулациите дека Португалецот е незадоволен од „Олд Трафорд“.

Роналдо сезонава постигна 15 гола на 30 натпревари во сите натпреварувања, а факт е дека тешко може да биде задоволен од тоа како тече неговата повратна сезона меѓу „црвените ѓаволи“. Јунајтед е петти со бод помалку од Арсенал кој има три натпревари помалку во борбата за четвртата позиција на табелата.

Менаџерот на Јунајтед, Ралф Рангник пред мечот со Тотенхем изјави дека Кристијано е подготвен за мечот, а беше запрашан како се чувствува Португалецот во тимот.

„Не знам, не го прашав дали е среќен или не во Манчестер и овој клуб. Важно ми е што повторно е подготвен и што продолжи да тренира вчера. Ќе видиме во каква формација и во каков состав ќе играме утре“, вели Рангник.

Менаџерот на Јунајтед не сакаше да го коментира фактот дека Роналдо минатиот викенд замина во Португалија кога Јунајтед гостуваше во Сити на „Етихад“.

„Нема смисла да се навраќаме на она што се случи пред шест или седум дена. Она што ми е важно е што се случува сега и утре. Нема смисла повторно да се помине низ тоа“, изјави германскиот тренер, очигледно избегнувајќи одговор.

Лук Шо нема да игра против Спарс бидејќи е позитивен на коронавирус, Маркус Рашфорд според Рангник е во добар тренажен процес, а под знак прашање е настапот на Скот Мектоминај. На теренот се враќаат Единсон Кавани и Рафаел Варан.

Слични содржини