Разорна експлозија на југот на Русија, загинаа 27 лица (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Најмалку 27 лица загинаа во експлозија и пожар на бензинска пумпа во Дагестан на југот на Русија, јавува Би-би-си.

Експлозијата, како што се пренесува, се случила синоќа во регионалната престолнина Махачкала, која се наоѓа на брегот на Каспиското Море.

Во експлозијата, чија точна причина се уште не е утврдена, се повредени десетици луѓе.

Сликите кои доаѓаат од Русија покажуваат голем оган кој го осветлува небото и бројни противпожарни возила на местото на настанот.

Ангажирани се околу 260 вработени во итната помош, како и авион за евакуација на тешко повредените во Москва, соопштило тамошното Министерство за вонредни ситуации.

Руската новинска агенција Интерфакс ги цитираше лекарите дека меѓу загинатите има и три деца.

Се додава дека пожарот се проширил на површина од 600 метри квадратни и дека постои опасност од дополнителни експлозии.

Неименуван сведок, цитиран од рускиот весник „Известија“, изјавил дека пожарот избувнал на паркингот спроти бензинската пумпа.

По експлозијата сè ни падна на глава. Ништо не можевме да видиме, рекол сведокот.

Рускиот истражен комитет соопштил дека пожарот избувнал во околниот објект кој бил сервис за автомобили, „по што следела експлозија“ која се проширила на бензиската пумпа.

Поведена е кривична постапка за утврдување на околностите кои довеле до инцидентот, соопшти Комитетот.

Република Дагестан е една од 83-те федерални единици на Руската Федерација и е најјужниот дел на земјата. Махачкала се наоѓа на околу 1.600 километри од Москва.

Слични содржини