Реакции за денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ: Супер идеја, таман да се потсетиме како изгледаше правдата во нивно време

од Vladimir Zorba

Со извиците „Никогаш Северна, само Македонија“ и „Сакаме правда“, со песната „Едно име имаме“, со знамиња со Сонцето од Вергина и со банерот наопаку на кој пишува „Заев е виновен“, почна протестот на ВМРО-ДПМНЕ, чија поворка се движи од пред Јавното обвинителство а заврши пред Врховниот суд.

По повод денешниот протест, на социјалните мрежи излегоа многу реакции.

„Супер идеја протестов на ВМРО за правда. Тамам да се потсетиме како изгледаше правдата во нивно време – со прислушување, сваровски судии, затворање новинари и политички неистомисленици, тепање студенти по читални, рекордна сиромаштија и нееднаквост, уништено здравство и образование…“, пишува Бранимир Јовановиќ по повод денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ.

„Спушти ролетните до после. Мафијата маршира. Два саати, ќе пројде, напиша на твитер Марјан Забрчанец, советник во Владата, по повод „Маршот за правда“, организиран од ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски ќе протестира и ќе бара:

1) Да се сменат судиите од „тефтерчето на Горде“ 2) Да останат судиите од „тефтерчето на Горде“.

Ќе има ли загрижени „независни“ интелектуалци и новинари кои ќе го постават логичното прашање:

Што им е на овие што протестираат против нивните судии, кога речиси сите останаа непроменети?

П.С: Прашувам ко жртва на истите тие судии, кои ме осудија зашто сум го нарекол рамноземјашот Миленко „медиумски шарлатан“. Е, истите тие судии уште судат и против нив ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира“, вели активистот Жарко Трајановски.

Инаку партијата, како правно лице, официјално е обвинета во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за недозволиво финансирање, по одобрувањето од Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд.

– Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите во предметот од обвинителството означен како „Талир“ за незаконско финансирање на правно лице – политичка партија, по одржана јавна седница во присуство на странките, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост, соопшти на 11 јануари 2019 година, Кривичниот суд.

Слични содржини