Реал и Барселона во проблеми, судот повеќе не сака да ги штити

од Nikola Popovski

Шпанскиот суд ги укина мерките кои ги штитеа клубовите кои сакаа да основаат елитна Суперлига, да не бидат казнети од Европската фудбалска унија УЕФА и ФИФА.

Во судските документи до кои имал пристап Асошиејтед прес, судот во Мадрид најавил дека ќе ја укине правната заштита бидејќи дури и ако клубовите бидат казнети, тоа нема да ги спречи да продолжат со планот за формирање ново натпреварување кое не е под контрола на УЕФА.

Минатиот април 12 клуба се обидоа да ја основаат Супер лигата, а тој план пропадна за 48 часа, бидејќи повеќето од нив се откажаа, освен Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.

„На никаков начин не се покажа дека заканата со парични казни за трите клуба ќе доведе до неможност за реализација на проектот“, изјави судијката Софија Хил.

Таа ја отфрли загриженоста на клубовите дека казните на водечките светски фудбалски организации ќе им ги уништат шансите за привлекување средства за Суперлигата.

Пресудата може да се обжали.

Минатиот април, друг шпански судија им нареди на ФИФА и УЕФА „да се воздржат од преземање какви било мерки или да издаваат каква било изјава што ја спречува или попречува, директно или индиректно, подготовката на Европската Суперлига“.

Тој потег дојде поради заканите дека клубовите од Суперлигата ќе добијат забрана за настап во Лигата на шампионите.

Слични содржини