Реал ја продолжува потрагата по напаѓач

од Vladimir Zorba

Реал Мадрид ја продолжува потрагата по нов напаѓач. Клубот е свесен дека на долг рок треба да најде алтернатива за Карим Бензема и во моментов се разгледуваат различни кандидати. Сепак, на „Сантијаго Бернабеу“ немаат намера да избрзуваат со одлуката и дури се склони да чекаат до јануари за да го најдат најпогодниот фудбалер за оваа улога, тврди „Марка“.

34-годишниот Бензема е во најдобрата форма во кариерата и се додека не е повреден ќе го води нападот на тимот во новата сезона. Токму затоа шефовите на „Белиот балет“ можат да си дозволат да не избрзуваат со одлуката и да чекаат додека не го најдат вистинскиот играч.

Навистина, Реал веќе подолго време бара алтернатива за Бензема, но досега тоа се покажа како тешка задача. Првично се очекуваше тоа да биде Лука Јовиќ, но Србинот целосно потфрли на „Бернабеу“. После тоа, Флорентино Перез имаше намера да ги ангажира Килијан Мбапе или Ерлинг Халанд, но на крајот тие избраа други опции за продолжување на кариерата.

Така, потрагата по нова „деветка“ за иднината продолжува. Во меѓувреме, главната одговорност во нападот на Реал повторно ќе почива на плеќите на Бензема, кој во моментов нема речиси никаква алтернатива, особено откако клубот се раздели со Лука Јовиќ и Борха Мајорал, а Маријано Дијаз го бараат Селта и Фенербахче.

Слични содржини