Реал потврди: Алаба доаѓа на „Бернабеу“

од Vladimir Zorba

Обидите на Баерн Минхен да го задржат Давид Алаба не вродија со плод, па по сезоната без трофеј, Реал Мадрид реагираше брзо и донесе големо засилување во последната линија. Вакво нешто се очекуваше, а најголемиот светски клуб официјално го потврди доаѓањето на австрискиот репрезентативец денес.

„Ја информираме јавноста дека нашиот клуб постигна договор со Давид Алаба. Тој ќе потпише петгодишен договор со Реал Мадрид“, стои во краткото соопштение на гигантот од Мадрид.

Алаба ќе биде претставен како нов играч на Реал Мадрид по завршувањето на Европското првенство.

Алаба пристигнува на „Бернабеу“ како слободен агент, откако му истече договорот со Баерн, а според неофицијални обвинувања, во новиот клуб ќе инкасира околу 12.000.000 евра годишно, колку што во моментов добива Серхио Рамос.

Доаѓањето на Алаба значително ќе ја засили конкуренцијата на стоперската позиција, имајќи предвид дека иднината на Варан и Рамос е се уште неизвесна.

Бројни клубови како Барселона и Челси покажаа интерес за цврстиот дефанзивец во последните месеци, но поранешниот играч на Баварците го избра дресот на Реал.

Слични содржини