Регионални аналитичари за „Локално“: По Меркел, Балканот не е ниту подобар, ниту полош во споредба со претходно

од Nikola Popovski

Речиси шеснаесет години владеење и четири мандати ја направија Ангела Меркел една од политичарките со најдолг стаж во модерната историја.

За тоа време, Европската унија се прошири за само една нова членка. Тоа беше Хрватска, а од 2013 година политиката на проширување стана само еден вид „мисловна именка“.

„Железната дама“ во моментов е на проштална турнеја, чија последна станица е Западен Балкан. Во претходните недели, таа се состана со Џозеф Бајден, Владимир Путин, Владимир Зеленски, Матеус Моравицки, а на крајот со Србија и Албанија, каде ќе разговара со премиерите на Западен Балкан.

Редакцијата на „Локално“ контактираше со регионални аналитичари во обид да дознаеме зошто Меркел ги одбра токму Белград и Тирана како локации за нејзината последна посета на Западен Балкан.

Според Фатмир Шеноли, политички аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина, Меркел ги одбрала овие два главни градови со цел да испрати проштална политичка порака дека се обидела да стори сé за да ги подобри односите меѓу Албанците и Србите.

-Од моја гледна точка, во тој поглед, Меркел не успеа да ги приближи двата народа и не успеа во тоа, иако на почетокот може да изгледа дека е направено многу, но мора да запомниме дека Косово се уште нема визна либерализација и дека дијалогот Косово-Србија нема промена, вели Шеноли.

Според него, Меркел остава „многу мрачна слика за Западен Балкан“ бидејќи Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, БиХ, па дури и Србија остануваат надвор од ЕУ и ова е поразителен момент за германската дипломатија и самата канцеларка

-Верувам дека по „ерата“ на Меркел, ЕУ ќе стори сé за да најде начин земјите од Западен Балкан што поскоро да бидат дел од ЕУ, онаму каде што припаѓаат, смета аналитичарот.

Шеноли е категоричен дека дијалогот меѓу Косово и Србија е во многу тешка дефанзива, и само САД можат да иницираат решавање на тие односи.

-Верувам дека Германија треба да биде кристално јасна во иднина во односите со Русија (како што знаеме, рускиот гас имаше големо влијание во тактиката на Германија во ЕУ и во односите со САД) и со ЕУ и Обединетите Држави. Се надевам дека ќе имаме поинаков пристап од Германија во интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, истакнува тој.

За професорот по филозофија и политички аналтичар, Драган Бурсач, прошталната посета на Меркел на Западен Балкан е поради тоа што Германија се уште ги доживува Србија и Албанија како двете најважни земји на Западен Балкан, а српскиот и албанскиот народ како двата најважни.

-За жал, овој вид елитизам никому не му донесе добро. И во тоа се уверивме во последните три децении, вели Бурсач за „Локално“.

На прашањето каков Балкан остава Меркел и дали тој е подобар после нејзиното заминување, аналитичарот смета Балканот не е ниту подобар ниту полош, истакнувајќи дека Меркел интензивно работела на создавање стабилократија, „пред се онаа во Србија што го роди режимот на Вучиќ“.

-Ако го погледнеме растот на локалните национализми, првенствено албански и српски, мислам дека тоа е дури неколку чекори наназад, укажува Бурсач.

За тоа каква е европската перспектива на овој регион после Меркел, професорот вели дека сега ЕУ мора конечно да каже: „Дали Западен Балкан ќе влезе во ЕУ или не и по која цена и како?“

– Се разбира, земјите од регионот мора да работат на своите внатрешни демократски капацитети, пред се заради себе, но исто така мора да знаат каков е нивниот пат до Брисел и дали воопшто постои. Политиката за стапови и моркови само ги зајакна локалните тирани и го зајакна евроскептицизмот, смета тој.

Бурсач не е сигурен дека Германија ќе се справи со Балканот на таков силен и водечки начин по Ангела Меркел.

-Мислам дека ќе се сведе на реториката „сами решете се“ и дека овој регион, за жал, ќе биде оставен сам на себе некое време. Подеднакво, за жал, тоа отвора простор за играчите надвор од ЕУ, како што се Кина и Русија, да влезат во регионот, иако веќе се тука. Исто така сметам дека зајакнувањето на автократиите по примерот на Орбан или Путин ќе продолжи, посочува аналитичарот.

На прашањето каков всушност е односот на канцеларката со лидерите од Западен Балкан, професорот по филозофија го опишува со еден збор – стабилократија.

-Берлин под Меркел не беше премногу загрижен за внатрешните работи на сите овие држави, додека државите исполнија некаква рамка и најчесто само празни и формални услови за да се намачкаат со демократии. За тоа време, во сите наведени земји, корупцијата, автократијата до бесвест, тоталитаризмот, националзмот и популизмот пораснаа до небо. Сите овие лидери имаат само симпатии кон Ангела Меркел, но не и од тие причини поради кои просечниот Германец ја почитува канцеларката. Едноставно, дозволено им е да прават што сакаат и тие тоа го почитуваат, додава Бурсач.

За српскиот историчар, Миливој Бешлин, Меркел го напушта Балканот во многу потешка ситуација отколку што беше на почетокот на нејзиниот (премногу) долг мандат како германска канцеларка.

-Србија има корумпирана диктатура, сите алтернативи се задушени и има еднопартиски парламент. Босна е на работ на распаѓање и ги живее најтешките денови од крајот на војната, додека Црна Гора всушност е на работ на конфликт. На Македонија и Албанија им се затвори европската перспектива, иако ги исполнија сите услови, додека преговорите меѓу Србија и Косово се во застој, а од 2013 година, ништо значајно не е подобрено на тоа поле, вели историчарот за „Локално“.

Според него, преку Меркел, Вучиќ ја зајакнал својата автократија, го проширил руското влијание во регионот, уништено со руски благослов на соседните земји Македонија (за време на смената на власта), Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, и за сето тоа добил поддршка од Берлин.

-Освен поддршката на корумпираните, националистички автократи, кои ги споменавте во вашето прашање, заборавивте да го споменете хрватскиот ултрадесничар Томислав Карамарко во таа низа, одговори Бешлин на прашањето дали германската канцеларка отсекогаш ги форсирала и имала симпатии кон владеењето на Иво Санадер во Хрватска, Вучиќ во Србија, Груевски во Македонија, Орбан во Унгарија, Ердоган во Турција, Рама во Албанија и Борисов во Бугарија.

Тој смета дека единствено што мора да ѝ се признае на Меркел е дека спречи понатамошни разговори за размена на територии во нашиот регион, што беше идеја на Вучиќ и Тачи и што ќе имаше непредвидливи последици.

-Да не зборуваме за дозволувањето на Бугарија да ја уценува С. Македонија преку национално-шовинистичка и расистичка основа, по огромните чекори што ги направи вашата земја. Кралицата на статус-кво политиката ги турна проблемите под тепих, немаше храброст да ги помести работите на Балканот и по примерот на нашиот регион, но и пошироко во Европа, се гледа погрешната стратегија на Обама да ги повлече САД од Европа и да ги остави на самата себе и на Берлин. Германија очигледно (се уште) не созреа како глобален или во овој случај континентален лидер, потенцира Бешлин.

Тој додава дека „Северен тек 2“ и договорот меѓу Путин и Меркел е едно од најголемите предавства на Европа (особено на Украина) и западните интереси од 1945 година до денес и според него, сите големи сили се секогаш себични, но германскиот деловен егоизам денес удира во самите темели на сите вредности на кои почива обединета Европа.

Мислам дека изборот на Меркел за прошталната посета е поврзан со отворени прашања во врска со пристапувањето на Албанија и Србија во ЕУ, вели политикологот д-р Алем Максути, во изјава за „Локално“.

-Ова се најкритичните земји кои претставуваат предизвик, особено за Брисел. Во конкретна смисла, не се гледа посебна порака освен поддршка за претседателите (Вучиќ и Рама) кои ги претставуваат партнерите на Брисел и истовремено Берлин, додава тој.

Максути смета дека за жал, Балканот има голем број отворени прашања и по заминувањето на германската канцеларка.

-Ситуацијата во Црна Гора воопшто не е наивна, во БиХ војната е замрзната и имаме привремен мир. Ситуацијата е толку сложена што ќе треба долго време да се разјасни во која насока која држава ќе се движи. Засега, ЕУ е единствената алтернатива, што не значи дека ќе биде во иднина. Колку е сложена ситуацијата потврдува фактот дека на пр. Словенија (како и пред Советот на ЕУ) нема апсолутно никаква надлежност да предлага конструктивно решение. Мислам дека целата политика во Љубљана спиеше во последните 25 години и дека нема одговори на предизвиците на локалните национализми. На ова можеме да ја додадеме приказната за нон-пејперот која најдобро зборува за тоа колку е нејасна работата (од перспектива на ЕУ). По Меркел, Балканот останува еден од најголемите предизвици за ЕУ, категоричен е политикологот.

За европската перспектива на Балканот по Меркел, тој укажува дека мора да разбереме дека ЕУ е политички ентитет или сојуз на суверени држави.

-Овие држави првенствено се грижат за нивните интереси. Такви се на пр. Бугарија и Романија беа примени практично „низ прозорец“ во 2007 година, а денес тие повторно го оспоруваат ова право на земји кои ги „исполнуваат условите“. ЕУ како таква се соочува со многу поголем предизвик. Таа самата има големи онтолошки проблеми и бара модел според кој би преживеала како наднационална политичка креација. Бидејќи Германија е најголемата и најбогатата членка, сите очи често се вперени во неа. Но, тоа значително не го менува опсегот на проблеми и предизвици со кои се соочува ЕУ. Пред и по Меркел, ЕУ ќе се бори со себе и со интеграцијата на балканските земји, кои (засега) немаат друга алтернатива освен Брисел, изјави Максути.

Околу ситуацијата со Косово и БиХ, политикологот вели дека никој нема одговор на тоа.

-И двете прашања (Косово и БиХ) се длабоки националистички проекти што сите страни (и странските сили) сакаат да ги користат за свои интереси. Сигурен сум дека ЕУ како таква не го разбира најдобриот степен на нетрпеливост меѓу балканските народи. Мислам дека и тие знаат многу малку за војната во Босна, на пример. Мислам дека ретко кој знае за тоа кој е Фикрет Абдиќ и против кого се бореше неговата војска. Ова се исклучително тешки проблеми што ќе се решат долгорочно. Не сум сигурен дека ЕУ или Германија можат да ги решат проблемите како БиХ и Косово, појаснува тој.

За односот на Меркел со лидерите на Западен Балкан, Максути посочува дека  лидерите во регионот се избираат од гласачите во тие земји.

-Се додека се на власт, тие се прифаќаат како партнери и во Европа (Груевски беше најдобриот пример). Можеби би сакале некој друг, но во моментов Вучиќ е најсилниот играч во Србија кој нема алтернатива (барем судејќи според јавното мислење). Мислам дека канцеларката во заминување е сериозен политичар кој ги разбира односите со официјалните власти во други земји. Ова најдобро го потврдува нејзиниот однос со Доналд Трамп. Со денот кога Трамп ги загуби изборите, таа повеќе не го изговори неговото име. Сигурен сум дека истото ќе се случи со Орбан, Вучиќ и Јанша, прецизира политикологот во изјава за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини