Регистрирани 102.052 македонски државјани кои работат и живеат во Германија

од Vladimir Zorba

Потрагата по подобри услови за живот и работа често завршува надвор од границите на нашата земја. Меѓу земјите што се најпривлечни за македонските модерни печалбари се секако земјите од Европската унија.

Податоците на Eurostat покажуваат дека Германија им е најомилена на македонските државјани кои се решаваат да побараат подобри услови за живот и работа во странство. Па така, на први јануари лани во Германија се регистрирани 102.052 македонски државјани. Втора најпривлечна земја за живот и работа на Македонците, од земјите во Европската унија, е Швајцарија каде на први јануари минатата година имало 66.629 наши државјани. Трета во оваа група е Италија, каде што се регистрирани 63.561 македонски државјани. Во првата петорка земји од ЕУ каде што има најмногу Македонци се и: Австрија (23.372) и Словенија (12.329).

Од друга страна, пак, најмалку македонски државјани во ЕУ има во Литванија (само четворица), Латвија (12) и Естонија (17 лица од нашата земја).

На први јануари минатата година, 21,8 милиони лица од земји што не се членки на Европската унии живееле во некоја од 27-те земји што се дел од Унија. Тоа, според податоците на Eurostat, е околу 5% од популацијата во ЕУ.

Во истиот период, 13,3 милиони жители на некоја од земјите членки на ЕУ живееле во друга земја од Унијата, што е 3% од популацијата во овој блок од 27 земји.

Податоците покажуваат дека во Луксембург живеат најмногу лица кои не потекнуваат од оваа земја и тоа 47% од вкупната популација. Висок процент (од над 10% од вкупната популација) на странски државјани имаат и: Кипар, Малта, Австрија, Естонија, Латвија, Ирска, Белгија, Германија и Шпанија.

За разлика од нив, помалку од 1% од вкупната популација се странци само во Полска и Романија.

Слични содржини