Обврска на секое службено лице и јавен обвинител е да користи законски начини за обезбедување на докази во истражна и кривична постапка, вели во изјавата за Локално.мк поранешната пратеничка Фросина Ременски по денешниот исказ од страна на обвинетиот Бојан Јовановски дека му нуделе слобода доколку каже дека Ременски земала пари преку Меѓународниот сојуз.
„Секаков вид на изнуда на исказ за да се обезбедат права на обвинетите кои им следуваат со закон е недозволено. Особено ако исказите не се вистинити. Ова што го слушнав денес е само уште една потврда за тенденциозноста која го следи овој случај од самиот почеток и моето таргетирање осмислено во политичко-разузнавачките кујни. За се што имам и имав сомневање и проверени информации имам соодветна докумантација кој ќе биде употребена. И од човечки и од правен аспект е недозволиво правата на обвинетиот да бидат изнудувани со невистини или притисоци. Ретко кој во ваква состојба не подлегнува на притисоци“, смета Ременски.
Според неа, овој вид на изнудување на искази против други кои не се точни се старо класично непрофесионално полициско постапување.
Инаку Фросина Ременски е осомничена во случајот „Меѓународен сојуз“, именуван по невладината организација на Боки 13, и се товари дека му помагала на Боки како високопозиционирано лице во власта на средбите со бизнисмените да ги измами дека ќе гради старечки домови и да им земе нов милион евра. За случајот се чека одлука на судот дали ќе почне судењето и дали сите лица ќе бидат опфатени во истото.
И.Р.