Ретуширани лица и пароли

од desk4

  

Помина повеќе од половина од предизборната кампања во пресрет на изборите во Босна и Херцеговина. Како и сите години преходно, пораки се испраќаат преку предизборни собири и медиумски промоции, но и преку билборди од кои на граѓаните им се смеат ретушираните лица на босанскохерцеговските политичари.

Во Република Српска и позицијата и опозицијата на билбордите се идентични „во бранењето“ на интересите на Република Српска па можат да се видат билборди од типот „За единство на Српска“, „Се разденува за народот на Српска“, „Под знамето на Српска“, „Нескршлива РС“ и слично.

За разлика од овој босански ентитет, во другиот, Федерација БиХ, партиите порачуваат дека „БиХ победува, Земја за сите, Победничка БиХ“.

Ниту на еден билборд не се споменува економијата, ниту се даваат ветувања за подобар животен стандард на граѓаните.

Поради тоа професорот по комуникологија на Универзитетот во Тузла Енес Османчевиќ смета дека постоечките пораки тешко ќе ги мотивираат гласачите, особено оние што апстинираат, чиј број е речиси половина од регистрираните избирачи во БиХ.

– Со оглед на тоа што пораките се неинвентивни, тие зборуваат за недостиг на политички идеи и програми, но и за недостиг на поврзаност на партиските раководства со народот. Ние имаме партиски елитизам кој е цел сам на себе, цел и причина за постоење, а за граѓаните никој не се грижи, нагласува Османчевиќ.

– Од проста причина што тие пораки се исти како од претходните кампањи, сите се мотивирачки на една национална основа и на будење на патриотизмот. Мислам дека на овој начин тоа уште повеќе ќе влијае на граѓаните да си заминат и да не се свртат назад во услови кога луѓето масовно ги напуштаат овие простори, наведува Тања Топиќ.

И покрај тоа што босанското општество е се посиромашно, на пораките од билбордите се избегнуваат економски теми или прашањето како да се запре заминувањето на граѓаните од земјата.

Од слоганите на политичките партии, како што наведува професор Османчевиќ, се гледаат популистички тенденции кои дале добри резултати на сите повоени избори во Босна и Херцеговина.

– Очигледно е дека овде е направена отстапка за популизмот преку тој вид дефинираност на партиските цели и суштината на партиското дејствување. Пред се, станува збор за фактот дека има многу аматери во политичкиот живот. Тие не се во состојба да ги перципираат вистинските проблеми на луѓето. Се работи за партизирање и застранување односно некој вид политичка патологија која ја имаме на сцената. Значи тие кога учествуваат во кампања, тие учествуват поради своите интереси, а не поради општи интереси, вели Османчевиќ.

Отсутноста на грижа за иднината на целото општество зборува и за осиромашување на духот на политичките актери во Босна и Херцеговина, смета Тања Топиќ. нагласувајќи дека актуелните политички актери во Босна и Херцеговина едноставно немаат што да им понудат на своите избирачи.

– Тие немаат некоја одредена визија, тие немаат некоја идеја, не знаат на кој начин да им понудат на граѓаните подобри услови за живот и единствено што им остана е играње на картата на емоции, патриотизам, еден вид празна приказна која нема никаква врска со животот на обичниот човек во БиХ, оценува Топиќ.

Нашите соговорници се согласуваат и дека и оваа предизборна кампања воглавно се сведува на политичка манипулација со избирачите кои, како што наведуваат, се погодна почва, но и дека од друга страна со години наназад не се создаваше алтернатива која би дала одговор на овој вид етно национални политики./РСЕ

Слични содржини