Роналдо го напушта Манчестер Јунајтед – веднаш

од Vladimir Zorba

Еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња, Кристијано Роналдо си заминува од Манчестер Јунајтед, а раскинувањето на неговиот договор стапува во сила веднаш.

Ваквата одлука уследи по низата изјави на португалскиот фудбалер, кој моментално е со репрезентацијата на Светското првенство во Катар, во кои го критикуваше целиот клуб.

Тој во понеделникот изјави дека „ќе зборува кога сака“ и дека неговиот спор со Манчестер Јунајтед нема да влијае на репрезентацијата на Португалија на Светското првенство.

Во претходното интервју, 37-годишниот фудбалер изјави дека клубот го изневерил и нагласи дека не го почитува тренерот Ерик тен Хаг.

И Роналдо и Манчестер Јунајтед објавија дека се работи за заеднички раскин на договорот.

„Клубот сака да му се заблагодари на Роналдо за неговиот огромен придонес во текот на двата периоди на Олд Трафорд“, се вели во соопштението на Манчестер Јунајтед.

Тие му посакаа „нему и на неговото семејство добро во иднина“ и додадоа дека „сите во Манчестер Јунајтед остануваат фокусирани на напредокот на тимот под водство на Ерик тен Хаг и работат заедно за да успеат на теренот“.

Роналдо објави дека се договорил со клубот за разделба.

„Го сакам Манчестер Јунајтед и ги сакам навивачите, тоа никогаш нема да се промени. Сепак, чувствувам дека е вистинско време да барам нов предизвик“, се вели во соопштението.

Роналдо во понеделникот се појави изненадувачки на прес-конференцијата на репрезентацијата на Португалија и рече дека никој не може да го спречи да зборува кога сака.

„Не размислувам што мислат другите. Зборувам кога сакам. Соиграчите од репрезентацијата многу добро ме познаваат и знаат каква личност сум. Ова е амбициозен тим кој е гладен и фокусиран. Затоа, сигурен сум дека [оваа ситуација со Јунајтед] нема да го потресе тимот“, додаде тој.

Слични содржини