Русија ја обвини Украина, аналитичарите сметаат дека некој друг стои зад атентатот: Кој ја уби Дарја Дугина?

од Stefanija Kuzmanovska

Руските безбедносни служби излегоа во јавноста со тврдење дека украинската служба за безбедност е одговорна за убиството на Дарја Дугина, ќерката на филозофот и политиколог Александар Дугин.

Според информациите, атентатот го извршила Наталија Вовк, поранешна припадничка на украинската армија, која во Русија влегла со автомобил со лажни таблички.

За влез во земјата користела таблички од Народна Република Доњецк, кои подоцна ги заменила со таблички од Казахстан.

Сепак, англиските медиуми ги пренесуваат тврдењата на прозападните аналитичари, кои се убедени дека атентатот не го извршиле Украинците, туку дека зад него стои руската служба за безбедност.

Според нив, верзијата за настани што ја презентираат руските безбедносни сили наликува на сценарио на акционен филм и е малку веројатна.

Повеќето аналитичари се убедени дека атентатот всушност го извршиле руски агенти кои сакале да го замолчат таткото на жртвата, Александар Дугин.

Иако западните медиуми го наведуваат Дугин како главен идеолог на режимот на Путин, нивниот однос не бил секогаш хармоничен, а Дугин го критикуваше Путин во неколку од неговите неодамнешни интервјуа.

Така, аналитичарката Екатерина Шулман вели дека изливот на бес меѓу про-Кремљ коментаторите како одговор на нападот со автомобил-бомба изгледа сомнителен: „Реакцијата беше моментална. Изгледа како да чекаа вакво нешто да се случи“.

Кој и да е одговорен, додаде Шулман, убиството „може да се искористи за зголемување на бесот на јавноста во земјата за да се оправдаат уште поактивни репресивни дејствија од страна на државата“.

Јуриј Фелштински, автор на книгата „Разнесување на Украина: Враќањето на рускиот терор и заканата од Третата светска војна“, тврди дека нападот врз Александар Дугин бил одобрен од Кремљ.

Тој тврдеше дека 60-годишниот Дугин има репутација на „непослушен“ и дека Кремљ „го користи Дугин во сопствената глобална пропагандна војна“, сметајќи на фактот дека меѓународните медиуми не разбрале дека Дугин има репутација на „неконтролиран“ и дека е „персона нон грата“ за Кремљ.

Тој исто така рече дека односот меѓу Дугин и Кремљ е далеку од идеален, иако и Путин и Дугин ја виделе својата корист од таа соработка.

Според официјалните информации, главната осомничена Наталија Вовк во Русија влегла со автомобил „мини купер“ во придружба на нејзината 12-годишна ќерка.

Според видео снимките кои ги доставиле граничните служби, се шпекулира дека Вовк ја сменила бојата на косата при влез и излегување од Русија, за да ги прелаже безбедносните служби.

Александар Дугин, за кој постои сомневање дека бил вистинска мета на атентатот, ја избегнал смртта сосема случајно, бидејќи решил да влезе во друг автомобил.

Слични содржини