Рускиот вицепремиер потврди: Северен тек 2 ќе биде довршен

од Stefanija Kuzmanovska

Русија ги потврди своите планови за завршување на контроверзниот проект „Северен тек 2“, соочена со санкции на САД поради тој германско-руски гасовод.

„Уверени сме дека гасоводот ќе биде завршен и покрај деструктивните активности на Соединетите држави кои ја попречуваат реализацијата на овој проект“, изјави за руската државна телевизија во неделата вицепремиерот на Русија и поранешен министер за енергетика Александар Новак.

Овој германско-руски гасовод е завршен 95 отсто, рече Новак, истакнувајќи дека е во интерес на европските држави и компании да го продолжат проектот.

Пред околу една недела, оперативната компанија Nord Stream 2 AG започна со повторно поставување цевки јужно од данскиот остров Борнхолм.

Изградбата беше ставена во мирување откако заканите за санкции од САД доведоа до повлекување на специјалните бродови на швајцарската компанија од проектот кон крајот на 2019 година. Американски официјални лица велат дека гасоводот, кој се очекува да пренесува 55 милијарди кубни метри природен гас годишно од Русија до Германија, ќе ја направи Европа премногу зависна од руската енергија.

Слични содржини