Руските власти: Присуството на Зеленски на самитот на Г7 е „пропагандно шоу“

од Stefanija Kuzmanovska

Руските власти денеска соопштија дека присуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на лидерите на Г7 ја претвори таа средба во „пропагандно шоу“ кое испраќа „антируски и антикинески“ пораки.

„Лидерите на Г7 го поканија лидерот на режимот во Киев на состанок и настанот во Хирошима го претворија во пропагандно шоу“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Се додава дека „главниот заклучок на самитот биле низа соопштенија полни со антируска и антикинеска омраза“.

Руското министерство оцени дека Г7 „стана инкубатор за развој, под англосаксонско раководство, на деструктивни иницијативи кои ја загрозуваат глобалната стабилност“.

Во соопштението се наведува дека опаѓањето на влијанието на Западот ги принудува членовите на таа група „да ги посветат сите свои напори за разгорување на антируската и антикинеската хистерија“.

„Сигурни сме дека нашата оценка за Г7 и нејзините деструктивни дејствија ја дели мнозинството од меѓународната заедница“, додаде министерството.

На самитот на лидерите на Групата седум индустриски најразвиени демократии во Хирошима, Зеленски разговараше со претставници на таа група и други лидери поканети на самитот.

Лидерите на Г7 во саботата ја повикаа Кина да изврши притисок врз нејзиниот стратешки партнер Русија да ја прекине војната против Украина.

Г7 се состои од Канада, Франција, САД, Германија, Италија, Јапонија и Велика Британија.

Слични содржини