Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека не гледа можност Соединетите Американски Држави да го напуштат Северноатлантскиот сојуз, и покрај критиките на американскиот претседател Доналд Трамп кон сојузниците. Во интервју за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“, Руте рече дека шпекулациите за напуштање на САД од НАТО се „апсурдни“, нагласувајќи дека американскиот нуклеарен штит останува клучен гарант за безбедноста на Европа.
„Не гледам можност САД да го напуштат НАТО“, рече Руте.
Американската нуклеарна заштита на Европа исто така не е доведена во прашање.
„Американскиот нуклеарен чадор е крајната гаранција за безбедноста тука во Европа. И убеден сум дека така ќе остане“, кажа Руте, додавајќи дека верува оти американскиот безбедносен ангажман во Европа ќе продолжи.
Тој нагласи дека американската нуклеарна заштита е сè уште „крајниот гарант за безбедноста во Европа“.
Во претходниот период, американскиот претседател Доналд Трамп постојано ги критикуваше европските членки на НАТО за, како што наведе, недоволни средства за одбрана, што предизвика загриженост за иднината на трансатлантската алијанса.
Руте, исто така, ја нагласи потребата од зајакнување на европската одбранбена индустрија, оценувајќи дека ова е клучно за долгорочната безбедност и одвраќање.
Генералниот секретар на НАТО се сретна со Трамп во Белата куќа пред околу една и пол недела и рече дека Трамп изразил „јасно разочарување“ од трансатлантската алијанса и неколку партнерски земји.
Меѓу точките на спор со земјите од НАТО беа употребата на воени бази и мисијата за отворање на Ормутскиот теснец.
Трамп постојано ги напаѓаше Шпанија, Франција, а особено Велика Британија, а Руте рече дека ја разбира фрустрацијата на американскиот претседател.
„Трамп е видливо разочаран од некои членки на НАТО. И јас ја разбирам неговата фрустрација“, нагласи првиот човек на НАТО.
Тој повика на зајакнување на одбранбената индустрија, истакнувајќи дека „таа е клучна за одржување на нашето одвраќање и одбрана“.