САД го повикаа на разговор рускиот амбасадор поради соборувањето на дронот

од Vladimir Zorba

Американските власти вечерва соопштија дека го повикале рускиот амбасадор во Вашингтон во Стејт департментот бидејќи во текот на денот руски авион соборил американско беспилотно летало над Црното Море.

„Ние сме во директен контакт со Русите, на високо ниво, за да им пренесеме силен приговор за непрофесионалното пресретнување што го предизвика соборувањето на нашиот дрон“, изјави за новинарите портпаролот на американската дипломатија, Нед Прајс.

Според неговите зборови, Вашингтон го повикал рускиот амбасадор во Стејт департментот, додека американскиот амбасадор во Москва доставил протестна нота до руското Министерство за надворешни работи.

Прајс оцени дека станува збор за „очигледно кршење на меѓународното право“.

Рускиот борбен авион Су-27 денеска го собори американскиот дрон „Рипер“ над Црното Море, област која НАТО внимателно ја следи од почетокот на војната во Украина, соопшти американската војска.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби изјави дека претходно руски авиони пресретнале американски беспилотни летала, но додаде дека денешниот инцидент е „непромислен и единствен“ бидејќи довел до губење на дронот.

Слични содржини