СДСМ ја поздравува Резолуцијата на САД: „Разочарувачки е што само ДПМНЕ е против европскиот пат“

од Nikola Popovski

СДСМ ја поздравува Резолуцијата на американскиот Сенат и благодарни се за силната и недвосмислена поддршка, изјави денеска портпаролот на партијата и пратеник, Дарко Каевски.

-Оваа поддршка на САД ја имаме затоа што 7 години активно се работи на продлабочување на односите со стратешките партнери и силната меѓународната позиција на државата. Сепак разочарувачки и поразително е што имаме толку силна меѓународна поддршка само блокадата е од дома, од ДПМНЕ и Мицкоски кои се единствената опција којашто е против членството во ЕУ и активно спроведува блокада на европскиот пат и иднината на државата и граѓаните, рече Каевски одговарајќи на новинарско прашање.

Американските сенатори Питер Велч, Џин Шахин, Пит Рикетс и Том Тилис го предводат воведувањето на резолуција со која САД даваат поддршка за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ). Сенаторите ја истакнале силата на трансатлантските односи меѓу САД, Република Северна Македонија и Европа, стои на веб-страницата на сенаторот Велч.

-Има предлог на четворица сенатори на резолуција која што ќе биде ветер во грбот на нашата држава за членство во ЕУ и тоа е многу важно. И Републиканците и Демократите во САД се едногласни и имаме апсолутен консензус за поддршка на земјава, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Според него, тоа ќе биде охрабрување за нас, но и до ЕУ дека треба да се забрза патот на С. Македонија.

Лани во август, во американскиот Сенат беше предложена резолуција да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Иницијативата за резолуцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

Републиканскиот сенатор Мајк Брон јa претстави резолуцијата во американскиот Сенат, според која, септември 2023 година се прогласи за месец на македонско-американско наследство при што се славеа јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД.

Според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Слични содржини