СДСМ: Се уште нема доставено формална оставка од Заев

од Nikola Popovski

Владеачката партија СДСМ вечерва соопшти дека премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев се уште нема поднесено оставки на функциите.

-Не станува збор за формална оставка доставена од претседателот Зоран Заев туку за оставката која тој ја најави на 31 октомври на прес-конференција во СДСМ, соопштуваат од владеачката партија и додаваат дека на денешниот состанок на раководството на партијата биле утврдени следните чекори на партијата што ќе се ефектуираат од наредната недела.

Ова следува откако дел од медиумите објавија дека Заев веќе ја поднел оставката од претседател на партијата во самото седиште.

Во текот на попладневните часови, потпретседателката на СДСМ и министерка за образование и наука, Мила Царовска објави дека се повлекува од функцијата на партијата.

„Со оставката на претседателот Зоран Заев, престанува и мандатот на целото раководство. Му благодарам за укажаната доверба и можност да дадам придонес во градењето општество за сите. Останувам целосно посветена на борбата за социјалдемократските вредности“, напиша Царовска на Фејсбук.

Денеска, оставка од партиската функција поднесе и старо-новиот претседател на Надзорниот одбор на СДСМ, Горан Сугарески, кој претходно ја изгуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ битката за градоначалник на Прилеп, во првиот круг.

Слични содржини