СДСМ: Скопје 2014 е ултра голема пералница на пари, ДПМНЕ бутале по џебови

од Nikola Popovski

Скопје 2014 е огромна, ултра голема пералница на пари. Само во еден случај се злоупотребени 57 милиони евра, народни пари, обвинуваат од СДСМ за последниот случај „Феникс“ на Јавното обвинителство, во кој беа обвинети 15 лица, воглавно поранешни членови и дел од тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, соопштија утрово од СДСМ.

Според партијата на власт, „ако се земе предвид дека една нова, современа, целосно опремена детска градинка чини околу 1,5 – 1,7 милиони евра, со 57 милиони евра во овој случај, ДПМНЕ имаат украдено 33 детски градинки“.

-Само со еден случај 33 нови детски градинки ширум државата можеле да се изградат. Затоа во времето на ДПМНЕ не се граделе нови детски градинки, затоа што се крадело, истакнуваат од СДСМ.

Тврдат дека наместо за народот, за граѓаните, за дечињата, „парите ДПМНЕ ги бутале по џебови“.

Кривичните дела на кои се однесува оваа истрага се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари. Обвинителот Љубомир Лапе презентираше детали за случајот при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици меѓу кои фонтаната со „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“. Меѓу останатите споменици се и „Цар Самуил“, „Никола Карев“, споменикот АСНОМ, Лавовите на мостот Гоце Делчев и други.

Во предметот „Феникс“,  првосомничен во случајот е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомниочен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранершната министерка за култура Елизабета Канческа –Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.

Слични содржини