Се огласи ќерката на Навални: „Немаме поим каде е, последно што слушнав е дека се онесвестил“

од Stefanija Kuzmanovska

Ќерката на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални се огласи откако неговиот тим соопшти дека нема информации за него речиси една недела.

„Неговите адвокати последен пат разговарале со него пред шест дена. Немаме поим каде е“, изјавила неговата ќерка Даша.

Таа навела дека последното што слушнала за нејзиниот татко е дека тој се онесвестил во својата ќелија пред две недели.

„Тој е многу неухранет. Не ја добива потребната медицинска помош и барал да оди на стоматолог. Не му нудат ништо. Тој е лишен од основните човекови права“, истакнала Даша.

Вчера од затворската единица каде што Навални ја отслужува казната соопштија дека тој повеќе не е таму и дека не знаат каде се наоѓа.

Имено, вработените во озлогласената Колонија 6 наведуваат дека Навални „веќе не е регистриран“ кај нив.

„Тие одбиваат да кажат каде е префрлен“, изјави вчера портпаролката на Навални, Кира Јармиш.

Таа исто така рече дека во поправната колонија бр. 7 на Владимирската област, колонија на специјален режим, на адвокатот му било кажано дека Навални не е таму.

„Во петокот и денеска цел ден, ниту ИК-6, ниту ИК-7 не одговориле на адвокатите. Очигледно, сега ја добиле командата. Сè уште не се знае каде се наоѓа Алексеј“, истакнала Јармиш.

Соработниците на Навални предупредија дека нешто се случува пред неколку дена. Потоа рекоа дека три дена немаат вести за него.

Имено, Навални вчера повторно не бил вклучен на рочиштето преку видео врска, а наводно минатата недела одбиле да му дозволат на адвокатот да го посети во колонијата.

Навални беше осуден на 19 години затвор во август, откако беше прогласен за виновен за создавање екстремистичка заедница, финансирање екстремистички активности и многу други злосторства.

Поддржувачите на Навални тврдат дека неговото апсење и затворање се политички мотивиран обид да се задуши неговата критика кон рускиот претседател Владимир Путин.

Слични содржини