Седум знаци дека што поскоро треба да ја смените маската за лице

од Stefanija Kuzmanovska

Постојат неколку знаци кои упатуваат на тоа дека ви треба нова маска со цел правилно да се заштитите.

1. Маската е искината

Маските се ефикасна заштита и за вас и за оние околу вас само доколку се исправни.

„Ако маската има видливи дупки или некој дел од маската е искинат, сметајте дека е неупотреблива“, рече педијатарот Кара Натерсон.

„Целата поента на маската е да обезбеди физичка бариера со цел спречување на вирусот или ако сте заразени за да се спречи пренесување на вирусот на луѓето околу вас“, додаде Натерсон и порача дека дупките на маската секако овозможуваат проток на вирусот.

2. Сте ја допреле маската откако сте допреле потенцијално контаминираната површина

Ако сте допреле потенцијално контаминирана површина, како што е количка во продавница или рачката на вратата, а потоа сте допреле кој било дел од маската, освен врвките, може да ја сметате и маската за контаминирана.

3. Сте се грижеле за некој што е болен

Ако член во вашиот дом или некој друг за кого се грижите се сомнева дека е заразен со коронавирус, време е да ја исперете маската или да ја фрлите ако користите маска за еднократна употреба. Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), порозните предмети, како што се платнените маски, треба да се перат на највисоко соодветно ниво и потоа да се исушат целосно пред употреба.

4. Сте носеле маска кога сте имале симптоми на ковид-19

Иако постојат докази кои сугерираат дека коронавирусот може да преживее неколку дена на површината, ако неодамна сте имале или се сомневате дека сте имале коронавирус, во ваш најдобар интерес е да ја замените маската за еднократна употреба или да ја исперете платнената маска за да бидете безбедни и вие и луѓето околу вас.

5. Сте ја допреле маската после кашлање или кивање

Коронавирусот се пренесува преку кивање или кашлање. Ако неодамна сте ја допреле маската после кашлање или кивање во рацете, време е да ја фрлите во машината за перење или во ѓубре, ако е за еднократна употреба. Ова треба да се направи дури и ако не знаете дека сте болни, особено затоа што има значителен дел од асимптоматски случаи на коронавирус.

6. Маската не ги покрива правилно вашиот нос и уста

За да се заштитите себеси и другите околу вас, маската треба да ги покрива и устата и носот. Ако вашата маска не одговара на вашето лице доволно добро за да ги покрие и устата и носот, и по можност брадата, време е да набавите нова.

7. Маската е направена од само еден слој ткаенина

Во времето на пандемијата, многумина правеа свои маски дома, но ако таквата маска има само еден слој ткаенина, таа не нуди посебно ниво на заштита. Според ЦДЦ, за да може маската ефикасно да ве заштити и вас и другите, мора да има повеќе слоеви ткаенина. Ако вашата маска нема повеќе слоеви, време е да набавите нова, според BestLife.

Слични содржини