Села: Дијаспората има проблем со попишувањето, не функционира платформата на ДЗС

од Nikola Popovski

На првиот ден од пописот, дијаспората се соочи со низа проблеми при попишувањето. Еден од главните е дека системот не им ги признава податоците, поточно матичниот број, а некои се пожалиле дека официјалната онлајн платформа на ДЗС не функционира.

„Сметам дека е технички проблем, дека не се работи за намерен проблем алгоритам од страна на Заводот за статистика кој би имал за цел да секој петти, шестти или седми да го исфрли од пописот бидејќи на тој начин пописот нема да биде валиден. Затоа ја користам прилика да се обратам јавно до директорот на Заводот ако се работи за технички проблем да се преземат мерки и да се регулира овој проблем. Да се обратам и на дијаспората-секој кој не може да се попише онлајн да се јави на семејството и блиските во Македонија да ги дадат податоците за да тие ги попишат“, изјавил лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој потенцира дека нивната партија добила поплаки дека не можат иселените лица да ја направат постапката преку интернет.

Тој уште еднаш побара да се прифати нивниот предлог закон за државјанство, кој предвидува државјанство да се додели и со тврдење на двајца сведоци.

„Очекувам Заев да се извини за оваа неправда, на граѓани на оваа држава која им е нанесена, а живеат тука 30 години, тука и плаќаат даноци, но немаат можности да се вработат, ниту да остварат здравствено осигурување и немаат никаква иднина тука, а тие се десетици илјади граѓани“, истакнал Села.

Заменик директорот на Заводот за статистика, Иљми Селами појасни дека системот за пописот имал технички проблеми со матичните броеви кои започнуваат на “нула“, но додава дека наскоро ќе се среди и овој проблем.

Слични содржини