Села: Отворањето на преговорите со ЕУ се од витално значење и надеж за реформи во системот

од Берта Китинска

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села вели дека граѓаните на Северна Македонија воопшто и Албанците особено долго го чекале овој прв конкретен чекор кон отворање на преговорите со Европската Унија.

„Алијанса за Албанците, заедно со граѓаните, се радува на одржувањето на првата меѓувладина средба во Брисел, за којашто сите заеднички се жртвувавме, се ангажиравме и придонесовме да се исполни уште една наша стратешка дефиниција, по членството на земјата во НАТО. Отворањето на преговорите и членството во Европската Унија се од витално значење за Северна Македонија и единствената надеж за реформи во системот, борбата против криминалот и корупцијата, владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните и народите, како и за подобрување на стандардот на живеењето и на економскиот развој на земјата“, посочува Села.

Тој додава дека исто така и честита и на Албанија за овој важен чекор и се радува на заедничкото патување кон големото европско семејство.

„Сега останува наша одговорност да ги исполниме стандардите, да ги спроведеме реформите, да го искорениме криминалот и корупцијата и да воспоставиме владеење на правото и европски вредности. Бескрајна благодарност до земјите членки на ЕУ кои и покрај многуте предизвици, грешки и неуспеси во управувањето во нашата земја, не се откажаа и им ги отворија вратите на граѓаните со надеж за иднината“, порача Села.

Слични содржини