Шефот на МИ5: На Русија ѝ е зададен најзначајниот стратешки удар во поновата историја

од Stefanija Kuzmanovska

По координираното протерување на дипломатите и стотина одбиени барања за дипломатски визи само во Обединетото Кралство, на способноста на Русија да ја шпионира Европа ѝ е зададен најзначајниот стратешки удар во поновата историја, изјави шефот на британската служба за безбедност (МИ5), Кен МекКалум.

Годинава, како што рече, од Европа биле протерани 600 руски функционери, од кои, според проценката на неговата агенција, имало 400 шпиони, пренесува Си-Ен-Ен.

„Продолживме да работиме интензивно за да го направиме Обединетото Кралство најтешка можна оперативна средина за руските тајни операции. Од нашето отстранување на 23 руски шпиони кои се претставуваа како дипломати, одбивме повеќе од 100 барања за дипломатски визи поради национална безбедност“, посочи тој и предупреди дека Обединетото Кралство мора да биде подготвено „за руската агресија во годините кои доаѓаат“.

Тој го посочи Иран како растечка закана. Наведува дека постојат амбиции да се киднапираат или убијат британски поединци кои се сметаат за непријатели на режимот. Тој откри дека само од јануари има десет „вакви потенцијални закани“ во Велика Британија. Тој додаде дека Иран е „подготвен да преземе непромислена акција“ и го окарактеризира како „софистициран противник“.

„Понекогаш оперираа користејќи свои оперативци, а во други прилики внесуваа други луѓе да работат во нивно име“, вели МекКалум.

Истакна дека тероризмот останува постојана закана и дека осум „потенцијално смртоносни заговори“ се стопирани во изминатата година. Тој оцени дека три четвртини од нив се однесуваат на исламистички екстремизам, а четвртина на екстремно десничарски тероризам.

Слични содржини