Шефот на владејачката партија во Полска: Одлуката за забрана на абортус не може да се поништи

од Stefanija Kuzmanovska

Лидерот на владејачката партија во Полска, Јарослав Качински, во вторникот изјави дека судската одлука за дополнително ограничување на абортусот не може да биде поништена, заканувајќи се дека ќе се преземе акција против масовните протести кои се проширија во Полска откако одлуката беше донесена минатиот четврток.

Уставниот суд минатата недела донесе одлука дека абортусот е скоро целосно забранет во таа претежно католичка земја, а по тоа следуваа петдневни протести низ целата земја.

Кога оваа одлука ќе стапи на сила, абортусот ќе биде легален само во случај на инцест, силување или загрозено здравје на мајката. Судот соопшти дека абортусот поради аномалии на фетусот, што досега беше легално во Полска, е неуставен.

„Ниту една друга одлука не можеше да биде донесена со оглед на уставот …“, рече Качински во видеото на Фејсбук страницата на партијата Закон и правда. „Не можеме да ја промениме оваа одлука според сегашниот устав“.

Тој рече дека протестите ќе чинат животи на многу луѓе и предупреди дека оние што повикуваат или учествуваат во нив прават злосторство, повикувајќи ги Полјаците да сторат повеќе за „одбрана на Полска“.

Неговата порака доаѓа по повикот на премиерот Матеус Моравиецки да се стави крај на масовните протести, кој рече дека оние што учествуваат во нив ги игнорираат „високите ризици“ од нов бран на пандемијата на коронавирус.

Протести се одржуваат и покрај воведените ограничувања за спречување на зголемувањето на случаите со ковид-19. Полска во вторникот забележа рекордни 16.300 нови инфекции.

Слични содржини