Шекеринска: Министерството за одбрана е на првото место според транспарентноста

од Nikola Popovski

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска преку видео-конференциска врска, како клучен говорник учествуваше на конференцијата на тема „Медиумската писменост и борбата против дезинформациите во време на пандемија“, организирана од здружението „Зошто не“ и „SEECheck Network“, со поддршка на Европската Унија, а ја отвори високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Јосеп Борел.

– Борбата со дезинформациите прерасна во едно од клучните безбедносни прашања, не само во регионот, туку и на глобално ниво. Тоа е особено видливо денеска, кога во време на пандемијата, протокот на вистински, фактички точни информации се клучни во борбата за намалување на последиците од корона вирусот и спасувањето човечки животи, рекла министерката Шекеринска на панелот насловен „Брисел“, на чиј дел бил и поранешниот министер за надворешни работи на Хрватска, европратеникот Тонино Пицула.

Како што соопштија од МО, Шекеринска се осврнала и на потребата од максимална активна транспарентност кај институциите, како начин за целосна достапност на точни информации за граѓаните, што, пак, го намалува штетното влијание кое може да го предизвикаат лажните вести.

– Министерството за одбрана направи големи напори да ја зголеми својата активна транспарентност, што подразбира проактивно објавување на информации, кои служат и како основа за проверка на фактите. Одбраната, која генерално се смета за позатворена област, во Северна Македонија е на првото место според транспарентноста, од сите институции на државно и локално ниво, посочила министерката Шекеринска.

Во однос на начините за борбата против дезинформациите, како една од алатките за создавање на општество и граѓани отпорни на дезинформации, министерката Шекеринска ја издвоила токму медиумската писменост, која треба да биде дел од едукативниот процес.

Слични содржини