Шекеринска: Не е целосно исклучена опцијата за одложување на изборите до ратификацијата за НАТО

од Aleksandar Todeski

Можно е одлагање на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април, во зависност од тоа кога Шпанија ќе може да го ратификува Протоколот за влез на земјава во НАТО. Засега не се дебатира за таа опција, но дека не е целосно исклучена, вели во интервју за „360 степени“ министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

„Во моментот кога ќе ги имаме сите податоци тогаш треба да носиме одлуки. Се помеѓу ќе биде шпекулирање, што би било кога би било. Прв приоритет ни е тоа што тешко го спечаливме да не го испуштиме од рака. На сите членки на НАТО им се јавувавме, ги молевме по специјални процедури да забрзаат со ратификациите и неодговорно ќе биде тогаш кога топката ќе прејде на наша страна од теренот, ние да кажеме: сега сме ние на пауза три-четири месеци“, вели министерката.

На прашање дали овој став е резултат на почитички интерес на СДСМ да оди на избори со формализирано членство во НАТО или на сугестиите на влијателни членки, како САД, да не се оди на избори пред да се заврши процедурата за НАТО, таа нагласи дека не е во прашање ни едното ни другото.

„Ваквата одлука е логичен заклучок од интересот на сите граѓани на оваа држава, кои велат дека ако вчера можевме да влеземе, ќе беше подобро. Не сме држава која може да се коцка и да рече дека три месеци не е ништо. Ние буквално плативме цена на пропуштени шанси кои мислевме дека ни се на маса и дека само треба да дојдеме на масата и да ги земеме. Во 2008 г. така ни се испушти од рака членството во НАТО. Фактот дека не ги почнавме преговорите со ЕУ на време пред 10 години сега ни ги отежнува работите и мислам дека е впечаток на сите сериозни и одговорни граѓани во државата – дајте да не се коцкаме со тоа што толку тешко го спечаливме“, истакна Шекеринска.

Според министерката, СДСМ не бега од избори и потсетува дека за време на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, владејачката партија предложила изборите да се одржат до крајот на годинава.

Слични содржини