Шерон Стоун за снимањето на Basic Instinct: „Мајкл Даглас не сакаше да работи со мене“

од Stefanija Kuzmanovska

Актерката Шерон Стоун стекна светска слава со улогата во филмот Basic Instinct.

Главната улога, инспектор кој го истражува убиството на рок-ѕвезда, ја имаше Мајкл Даглас, а осомничена беше Кетрин Трамел, која ја толкуваше Шерон Стоун.

Оваа улога потоа ѝ отвори нов пат на младата актерка и брзо ја прослави, но ѝ донесе и бројни проблеми.

На самиот почеток на работата на филмот, кој се здоби со огромна популарност, Шерон Стоун не била првиот избор за оваа улога, како што самата таа изјави во едно интервју.

Имено, Мајкл Даглас бил скептичен кога му кажале дека таа ќе му биде партнерка, бидејќи сметал дека е потребна многу попозната актерка за да го долови ликот на Кетрин Трамел и инсистирал да донесат друга.

„Мајкл не сакаше ниту пробно снимање со мене. Тоа беше голем ризик за него во тоа време. Сакаше позната актерка“, изјави своевремено Стоун.

Меѓутоа, режисерот на филмот Пол Верховен во тоа време работел на филмот Total Recall со атрактивната русокоса, па бил одлучен и покрај се да ѝ понуди улога и во Basic Instinct.

За да ја испочитува желбата на Мајкл Даглас до него да игра позната актерка, режисерот поканил многу звучни имиња од светот на филмот на тест снимање, но ниту една актерка не била толку успешна како Шерон Стоун.

„Верховен рече: Во ред, ќе направиме пробно снимање со другите актерки, но после секое ќе ја пуштам снимката со Шерон. Имаа пробно снимање со 12, 13, 14 актерки, но ниедна од нив не можеше да ме надмине. Така Мајкл конечно реши да направиме тест-снимка заедно“, се присети Стоун.

Пол Верховен верувал во младата актерка Шерон Стоун, па ја советувал да се фокусира на подигнување на нејзиниот сексапил на највисоко можно ниво.

„Дојдов на сетот и носев одело Армани на кое ги потрошив сите пари. Купив и речиси проѕирна блуза со боја на кожа и не носев ништо под неа. На пробата ја соблеков јакната на сред сцена. Го видов Мајкл како прво ме гледа, а потоа го гледа Пол и му вели: Избери ја. Не се ни шминкав, верував дека се треба да биде голо. И пробата помина одлично. Ја добив работата“, рекла Стоун, пренесува гореспоменатиот портал.

Слични содржини