Шилегов: Не избегав од дебатата на МТВ, ваквите манипулации се јалови

од Nikola Popovski

Почитувани, ја демантирам објавата на одредени медиуми кои велат и манипулираат дека не сум учествувал, односно дека сум избегал од дебатата што денес се снимаше, а подоцна ќе се емитува на МТВ, напиша градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, откако дел од медиумите блиски до опозицијата објавија дека „избегал од сред дебата“.

Според него, дебатата била со почеток во 11 часот и траеше подолго од договореното, повеќе од два часа, „каде јас се извинив на присутните бидејќи морав да се вратам на обврските како актуелен градоначалник, за разлика од останатите кандидати коишто ја немаат таа обврска во тек на работното време“.

-Ниту еднаш до сега, дали тоа било во изминатите четири години или за време на кампањата, не сум одбил да учествувам во ниедна дебата. Дебатите за мене се демократски чин и претставуваат најдобро презентирање на идеите, проектите и визијата за Скопје. Всушност, факт е дека јас сум единствениот кандидат што одговорил позитивно и што присуствувал на сите покани за дебата во време на кампањата, на кое било место, во кое било време, со сите противкандидати или барем со дел од оние што имаа и собраа храброст да дојдат на пола од одржаните соочувања, информира Шилегов.

Тој додава дека ваквите манипулации од одредени медиуми се јалови и не поминуваат во јавноста бидејќи како што е општо познато и знаеме сите, синоним и основна карактеристика за бегањето од дебати постоеше во едно мрачно режимско време кое веќе е зад нас и никогаш повеќе нема да се повтори.

Слични содржини