Шпионски скандал: Бугарија прогласи руски дипломат за персона нон грата

од Nikola Popovski

Бугарското министерство за надворешни работи прогласило дипломат од руската амбасада во Софија за персона нон грата и му дало 72 часа да ја напушти земјата, поради дејствија некомпатибилни со неговиот дипломатски статус.

Веста за уште еден шпионски скандал доаѓа откако обвинителството информирало дека во четвртокот главниот обвинител го известил министерот за внатрешни работи за доказите собрани во случајот.

Бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека нотата е предадена до заменик-шефот на дипломатската мисија, кој е повикан во зградата на Министерството за надворешни работи.

Дипломатската позиција на лицето обвинето за шпионажа не е прецизирано.

Заменик-премиерот и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева доби писмо од главниот обвинител Иван Гешев дека за време на предистражната постапка е утврдено како предметниот дипломат собрал информации што претставуваат државна тајна. Предметното дело претставува кривично дело од чл. 104 ст. 1 од Кривичниот законик. Бидејќи сторителот уживал имунитет според Виенската конвенција за дипломатски односи, претходната постапка била прекината.

Обвинителството појасни дека граѓанинот на Руската Федерација извршувал разузнавачки активности, при што биле собрани воени информации, вклучувајчќи за бројот на американски војници стационирани на територијата на Бугарија за време на вежби. Целта била да се пренесат информации, државна и службена тајна, на руското воено разузнавање во Москва. Со цел да ја спроведе својата незаконска активност, рускиот државјанин имал контакти со бугарски државјанин кој имал пристап до релевантните класифицирани информации, при што му биле ветени и дадени финансиски придобивки.

Неколку часа подоцна, преку официјалната страница на Фејсбук на руската амбасада, било објавено: „Неоправданото протерување на шефот на претставништвото на Министерството за одбрана на Руската Федерација не помага да се развие дијалог меѓу нашите земји во воената сфера во регионот на Црното Море. Од позицијата е јасно дека лицето е „воен, воздушен и поморски аташе на Руската амбасада во Бугарија. Руската страна го задржува правото да возврати со соодветни мерки“, соопштила руската амбасада.

Слични содржини