Штип доби времена дозвола за отворање прифатилиште за бездомни животни

од Vladimir Zorba

Општина Штип, денеска го доби решението од Агенцијата за храна и ветеринарство, со што се дава времена согласност од шест месеци за функционирање на стационарот, односно прифатилиштето за кучињата скитници, соопшти Соња Китанова, секретар на Општина Штип.

– Општина Штип има времена дозвола од шест месеци, а во овој период треба да ги исполниме сите услови што ги бара Агенцијата, но доколку не ги исполниме, во тој случај ќе ни се одземе. Почнати се подготвителните активности за јавниот оглас за ветеринарните станици, на што ќе се избере која од нив ќе се грижи и ќе ги третира бездомните кучиња во прифатилиштето. Во рок од десет дена треба да го реализираме ова и да ја објавиме јавната набавка за оператор, што ќе ги третира кучињата и на кого ќе го дадеме на користење на стационарот, во времетраење од две години, вели Китанова.

Истакна дека уделот на Општина Штип во справувањето со бездомните кучиња е изградбата на стационарот кај местото Новакова чешма, каде се обезбедени услови за згрижување 15 до 18 кучиња скитници. Општина Штип на наредната седница на Советот треба да ја донесе одлуката за план и програма за контрола на популацијата на бездомни кучиња. Во неа се наведува дека поради решавање на овој проблем од страна на Светската здравствена организација се препорачува дека единствено ефикасен и одржлив е хуманиот начин на третирање на овие животни, односно нивна масовна стерилизација, вакцинација и повторно враќање на територијата од каде се заловени.

Во Програмата јасно се наведува кои услови треба да ги исполни ветеринарната станица, што ќе даде најповолни услови за користење на стационарот, мора да има обезбедено вработени, лекар, возила и опрема со што ќе се заловуваат бездомните кучиња низ штипските населби, но и села. Се очекува во оваа прифатилиште на годишно ниво да се третираат околу 200 бездомни животни, а според пресметките предвидено е од буџетот на општината, на корисникот на стационарот за бездомните животни да се трансферираат вкупно 786.480 денари, во кои се предвидени сите активности за заловување, вакцини, чипирања, испитувања, храна, лекарства, како и организирање  јавни настани за едукација на населението.

Штип е првата општина во источниот регион, што ќе има ваков стационар за бездомни животни каде ќе се обезбеди нивен хуман третман. 

Слични содржини