Што предвидува законот за кризна состојба?

од Берта Китинска

Советот за безбедност ќе ѝ предложи на Владата да воведе кризна состојба на територија на целата земја во траење од 30 дена.

Претседателот Стево Пендаровски појасни дека воведувањето ваква кризна состојба нема никаква врска со воведување полициски час, ниту какви било други рестриктивни мерки.

Законот ѝ овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.

Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро- волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

Законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување. Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед дава Управувачкиот комитет. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата. Начинот на учество на дел од Армијата во кризна состојба се уредува со пропис кој го донесува Претседателот.

Пендаровски денеска појасни дека полициски час не зависи од кризната состојба

„Во моментов ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци. На тие подрачја, полицијата и војската работат заедно. Откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија, ќе биде овозможена на целата територија на земјата. Армијата веќе дава поддршка на здравствените институции и полицијата, но во лимитиран обем. Откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи посебно даваат поширок можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените“, додаде Пендаровски.

Воведувањето на полициски час не зависи од кризната состојба, кажа Пендаровски, додавајќи дека за тоа одлучува Владата.

„Воведувањето на кризната состојба на цела територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување на рестрикции во движењето. Тоа е надлежност на Кризниот штаб и Владата, како и Комисијата за заразни болести“, изајви Пендаровски.

Слични содржини