Шумско полициска станица-Струмица: Не се работи за безправна сеча на Беласица

од Маја Анчевска

Не се работи за безправна сеча на дрва на планината Беласица, бидејќи на тој дел имаме најмалку безправни сечи, велат за „Локално“, од  Шумско полициска станица-Струмица, во врска со протестот на жителите од с.Колешино за неконтролираната сеча на огревни дрва на  планината Беласица.

– Таму граѓаните мислат дека ЈП Национални шуми, односно Беласица – Струмица врши прекумерна сеча затоа што на тој дел шумско стопанство „Беласица“ покрај режиска сеча имаат дадено и сеча на физички лица за сопствени потреби. Граѓаните во тој дел гледаат како се движат 10 до 20 возила натоварени со огревни дрва и мислат дека тоа е безправно, а не дека тие се легални сечи. Мислиме дека во врска со тој проблем  треба да се произнесе инспекторатот за Шумарство, бидејќи тие редовно вршат контрола како во шумско стопански основи, така и на терен, па мислиме дека тие треба да се произнесат за настанатиот проблем, а од наша страна редовно на тој дел се врши контрола и ќе продолжиме и понатаму да вршиме контроли, велат од Шумско полициска станица-Струмица.

Од Државен инспекторат за шумарство и ловство не добивме повратни информации за случајот.

Од Шумско полициска станица-Струмица, информираат дека минатата година до Основен суд Струмица имаат поднесено 58 барања за поведување за прекршочна постапка, а има изречено 42 пресуди со правосилна одлука.

– Во 2021 година, Шумско полициска станица-Струмица има евидентирано посечена дрвна маса од безправни сечи од 80 м3 и тоа претежно  на реонот Палазлија, Попчево, планината Плавуш и  с.Велуса, односно планината Еленица и други реони, но овие реони се најударни. Од таа дрвна маса шумската полиција има одземено 50 м3 и е предадено на ЈП Национални Шуми. Иста така минатата година имаме одземено 35 патнички моторни возила, товарни моторни возила и запреги, информираат од шумската полиција Струмица.

Казните според законот за шуми за физички лица се движи од 3.500 евра до 4000 евра. Поради неусогласеноста на законот на шумите и законот за прекршочни последици во последната година се суди по закон за прекршоци и казните се движат од 100 до 300 евра.

M.A.

Слични содржини