Швајцарија го забрани двоглавиот орел пред Мундијалот: „Не сакаме исти грешки“

од Nikola Popovski

Директорот на швајцарската фудбалска репрезентација Пјерлуиџи Тами за Клартекст изјави дека провокациите кои се случија на натпреварот против Србија на Светското првенство во Русија во 2018 година не смеат да се повторат на Светското првенство во Катар.

Швајцарија тогаш ја совлада Србија со 2:1, а стрелци беа играчите со албанско потекло Гранит Џака и Џердан Шаќири кои провокативно ги прославија головите правејќи го со раце двоглавиот орел кој се наоѓа на знамето на Албанија.

„Светското првенство не е само за натпреварот со Србија, дури и ако знаеме колку е посебен овој натпревар, со оглед на тоа што се случи во 2018 година. Не сакаме да ги правиме истите грешки, тука сме да играме фудбал и ништо друго. Не, не сакаме да испраќаме некакви политички или религиозни пораки“, изјави Тами за „Klartext“ и додаде:

„Сакаме да ги претставуваме нашите вредности. Една од нив е почитта. Покажуваме почит кон другите мислења. За мене би било грешка ако испровоцираме некого со гест, без разлика на играта. Не треба да има зборови, гестови или воопшто однесување кое предизвикува други реакции. Кога навиваме, ја покажуваме нашата радост и тоа е важно. Но, не мора да бидеме провокативни“.

Швајцарија и Србија повторно ќе бидат ривали на Мундијалот, а на 2 декември ќе се сретнат во третото коло од групата Г.

Исто како и на Мундијалот во Русија, Бразил ќе биде во групата со Србија и Швајцарија, а тука е и селекцијата на Камерун.

Фото: Profimedia

Слични содржини