Сијарто: Катар има клучна улога во ослободувањето на заложниците киднапирани од Хамас

од Stefanija Kuzmanovska

Досега Катар одигра клучна улога во обезбедувањето на ослободување на заложниците киднапирани од Хамас од Израел, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, нагласувајќи дека ослободувањето на тројца унгарски државјани не би било можно без помошта на оваа земја од Персискиот залив.

„Сега го замолив мојот пријател Солтан бин Саад Ал-Мураики, министер за надворешни работи, Катар да помогне во ослободувањето на последниот унгарски државјанин кој е држен како заложник“, напиша Сијарто на Фејсбук, пренесе МТИ.

Тој навел дека министерот Солтан го уверил дека Катар ќе продолжи да прави напори во интерес на прекин на огнот и обезбедување на ослободување на заложниците.

„Многу ги цениме напорите на Катар, бидејќи е јасно дека конфликтот во Газа предизвикува се повеќе конфликти и кризи во регионот, кои мора да се избегнат“, посочи Сијарто.

Тој додаде дека мора да се посвети посебно внимание за да се спречи нов фронт меѓу Хезболах и Израел и да се направи Црвеното Море повторно безбедно за бродови.

Конфликтот на Блискиот Исток е предмет на голема глобална загриженост повеќе од три и пол месеци, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека колку подолго трае, толку е поголема опасноста од ескалација.

„Меѓународната заедница сега мора да се фокусира на спречување на ширење на конфликтот надвор од регионот и да направи се за да ги ослободи заложниците кои ги држи Хамас“, нагласи Сијарто.

Слични содржини