Сијарто: Србија е подготвена за ЕУ, не треба да биде условувана со прашањето за Косово

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска оцени дека Србија е подготвена за влез во Европската унија, додавајќи дека нејзиното членство не треба да се условува со нормализација на односите со Косово.

Тој во интервју за хрватската агенција Хина навел дека Србија е подготвена „утре да влезе во ЕУ“ и дека без неа, како „најголема и најсилна“ земја на Западен Балкан, нема стабилност на тој простор.

„Отуѓувањето на Србија е најлошата можна тактика“, изјави Сијарто.

„Србија е горда нација. Затоа верувам дека пристапот на бирократијата од Брисел треба да се промени кон неа“, рече министерот.

Шефот на унгарската дипломатија оцени дека врзувањето на членството на Србија во ЕУ со нормализација на односите со Косово е неправедно кон Белград, бидејќи тоа не зависи само од Србија.

Додаде и дека проектот на ЕУ не е завршен додека сите земји од Западен Балкан не станат негови членки, бидејќи „на Брисел му е потребен регионот повеќе отколку што на регионот му е потребен Брисел“.

Сијатро најави дека за време на претседавањето со ЕУ во втората половина на оваа година, Унгарија ќе го нагласи забрзувањето на тој процес, бидејќи тоа ќе ѝ даде на ЕУ свежина и нов моментум.

Тој ги отфрли изјавите на некои западни воени лидери дека Русија може да нападне членка на НАТО за неколку години, прашувајќи зошто некој би нападнал некој кој е многу посилен. Исто така рече дека не ја гледа Русија како закана за која било членка на НАТО.

Слични содржини