Скок на бројот на заболени со ковид, потребни ли се рестриктивни мерки?

од Берта Китинска

Вчера ковид бројките нагло се покачија, според податоците на Институтот за јавно здравје беа регистрирани нови 1.197 заразени од Ковид-19, или за пет пати повеќе од завчера, кога беа регистрирани 242 случаи.Воедно детектиран е сојот омикрон кај девет лица од Скопје и Кочани.

Д-р Ненад Лазаров напиша свој коментар во врска со денешниот број на заболени:

-Како ќе му ги пуштат бројкиве на новиот министер само пратете.И не се шокирајте од денешните, свесно одиме во ова сценарио.Ама не очекувајте и некој да паничи дека сте болни заедно со вас, ваша одлука – ваш ризик – ваше здравје.

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски предвидува дека во наредните 2-3 недели можеме да имаме и по 2-3000 случаи на коронавирус.

-Денеска практично ги надокнадивме испуштените броеви и се вративме на линијата на експоненцијалниот тренд на раст. Ова е јасен показател за зголемената преносливост на омикрон сојот, којашто за време на доминацијата на делта сојот беше во постојано намалување (како што растеше прележаноста) и истата не зависеше многу од бројот на тестирањата. Оваа стапка не беше многу зголемена ни во предновогодишниот период за прослави.

Кај нас бројот на тестирања претставува ограничувачки фактор, но доколку би се тестирало повеќе, при дневна инциденца од 0,35% (колку што моментално има на пример во САД) на врвот од бранот би имале речиси 6.000 случаи дневно. Сепак, слабото тестрање кај нас ќе ни го прикаже само врвот на ледениот брег, односно можеби само 2.000-3.000 случаи на ден, објави Трајковски, кој е познат по своите математичко-статистички пресметки за ширењето на заразата.

Според него, загриженост предизвикува потенцијалното испраќање на многу вработени на боледување, што можеби ќе доведе до пореметување на работниот процес во многу претпријатија и институции, со сите негативни економски последици.

-Затоа населението сепак би требало да води повеќе сметка за превентивните мерки, а не би било на одмет и државата да воведе рестриктивни мерки. Подобро веднаш, заради ограничување на растот, отколку во февруари (како што направија лани во април), откако бранот веќе помина и бројките спонтано се намалуваа. Целта на мерките е да донесе корист (да ги намали дневните броеви), а не колку да се каже дека нешто се прави, додава Трајковски.

Докторот од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски упати апел до членовите на Комисијата за заразни болести, да ги променат протоколите за изолација на контактите со заразените пациенти.
-Ако уште утре не ги смените протоколите и не го намалите времето за изолација на позитивните, НА 10.01.22 ЌЕ НЕМА КОЈ ДА РАБОТИ ВО ДРЖАВАТА !!!! Сите ќе бидеме во изолација.
Изолацијата на контактите при вака раширен Омикрон е неодржлива и без епидемиолошка оправданост, смета д-р Беќаровски.

Според него, задолжителната изолација за позитивните треба да се намали на 7 дена.

-Почитувани граѓани ако денес имавме 1197 позитивни со регуларно направени тестови, сигурно има уште >5000 кои се самотестирани и >25.000 недијагностицирани. Добрата вест е што до крај на февруари ќе направиме колективен имунитет и за 8ми март ќе може пак да играте чочеци, објави д-р Беќаровски.

Досега во земјата се направени вкупно 1.619.276 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 227.168, бројот на оздравени пациенти е 213.505, на починати е 7.996, а бројот на активни случаи изнесува 5.667.

Слични содржини