Смртта на Џорџ Флојд: Спајк Ли вели дека „демонстрантите не се просто родени бесни“

од Stefanija Kuzmanovska

Филмскиот режисер Спајк Ли изјави по повод протестите што се шират низ Америка дека луѓето во САД се бесни затоа што „живеат во систем кој не е направен за да им помогне да успеат во животот“.

Оскаровецот смета дека причините за немирите не се само смртните случаи на Афроамериканците, како што е случајот со Џорџ Флојд, туку и бројни други неправди и нееднаквости.

„Демонстрантите не се просто родени бесни“, рече Ли во интервју за Би-Би-Си.

Режисерот додава дека реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп покажала дека Трамп е „гангстер кој се обидува да биде диктатор“.

Ли вели дека тој ги гледал протестите на телевизија со семејството и дека „не можел да верува што се случува“.

„Толку употреба на сила – солзавец, случајни минувачи кои се тепани само затоа што стоеја на маргините и чекаа да се расчисти улицата за да можат да одат во црква. Беше ужасно “.

Во врска со фотографијата на Трамп со Библијата, Ли вели дека ниту на Трамп му стои Библија, ниту Библијата заслужува да биде во рацете на Трамп.

„Луѓето се бесни затоа што убиствата на црнците се случуваат насекаде, а полицијата се извлекува“, рече Ли.

Слични содржини