Собранието ја чека оставката на Заев за да закаже седница

од Aleksandar Todeski

Во Собранието се чека оставката на премиерот Зоран Заев за да се закаже седница на која ќе биде констатирана и со тоа ќе може закаже другата седница, на која министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски како кандидат за технички премеир ќе ја претстави новата македонска влада.

Утре треба да биде констатирана и оставката на пратеничката Невенка Стаменковска, која ќе влезе во владата како кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако претседателот Стево Пендаровски ќе му го даде мандатот на Оливер Спасовски, тој како технички премиер треба да достави предлог за формирање на влада до Собранието, во која ќе се најдат и кадрите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Техничката влада освен најголемиот дел од актуелните министри и заменици ќе ја сочинуваат и Наќе Чулев како технички министер за внатрешни работи, Рашела Мизрахи, техничка министерка за труд и социјална политика, Невенка Стаменковска, која ќе биде дополнителен заменик министер за информатичко општество, Гордана Димитровска, дополнителен заменик министер за финансии и Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ќе има промени и во структурите кои се поставени од владејачката СДСМ. Актуелната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе биде вицепремиерка за економски прашања, а како дополнителни заменички министерки за внатрешни работи и труд и социјална политика ќе бидат избрани шефиците на кабинетите на Спасовски и Царовска, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ.

А.Т.

Слични содржини