„Солуција“ на Димитров ќе презентира нова граѓанска иницијатва која нема да учествува на изборите

од Nikola Popovski

Екс-министерот за надворешни работи и основач на невладината „Солуција“, Никола Димитров утрово информира дека организацијата со поддршка на Европската фондација за демократија ќе презентира нова граѓанска, мултиетничка и прогресивна сила што ќе се бори за една поинаква Македонија.

Како што истакна Димитров, „Замисли“ ќе биде составена од граѓани, сите истакнати и докажани во својата област, млади луѓе со врвно образование, борци и активисти, дел познати, дел сосема нови за македонската јавност, а сите со заеднички став – дека политиката е преважна за да им биде оставена само на партиите.

-“Замисли” ќе биде исклучиво граѓанска, непартиска иницијатива, без никакви амбиции да учествува на избори или да дојде до дел од “колачот”, но и тоа како со амбиции, волја, знаење и смелост да замисли, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни области и да се залага за нивно спроведување, обелодени Димитров во својата објава.

Истакнува дека нивното лого е инспирирано од цвеќето пркос, а на него се претставени граѓани, обединети околу една идеја.

-Мотивот е традиционален вез и филигран, оти патриотизмот нема да им го оставиме на оние кои земјата ја сакаат само како плен, посочува основачот на „Солуција“.

Стартот на новата страница за македонскиот граѓански активизам, додава Димитров, ќе го прослават со српскиот актер, водител и комичар Зоран Кесиќ, кој ќе дојде на промоцијата на платформата и граѓаните вклучени во “Замисли”.

Слични содржини