Советничката која гласала за поставување на Ќосето не е од СДСМ, како што тврди општина Аеродром

од Nikola Popovski

Советничката од Десница (ПЕП21), Билјана Јовановска која гласала за поставување на споменикот на Андон Јанев-Ќосето на територијата на општина Аеродром, веќе не е дел од советничката група на СДСМ и коалицијата.

Иако претходно од општина Аеродром информираа дека одлуката била донесена со поддршка на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левицата, како и советник од советничката група на СДСМ, сепак оваа информација е демантирана од владеачката партија.

Општината ја информира јавноста дека на седница на Советот на општината одржана на 04.04.2023 година, донесена е одлука за иницирање постапката до Собранието на Република Македонија за отстапување на споменикот на Андон Јанев – Ќосето и негово поставување во населбата во општина Аеродром.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска минатиот месец испратила писмено барање потпишано од нејзе до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат. Од таму одговорија дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба да добие согласност од Собранието.

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Слични содржини