Советот за безбедност на ОН: Ги повикуваме талибанците да ги укинат забраните за авганистанските жени

од Stefanija Kuzmanovska

Советот за безбедност на Обединетите нации ги повика талибанците да ги прекинат своите одлуки и практики кои го ограничуваат учеството на жените во јавниот живот, изразувајќи загриженост поради забраната на талибанците жените да посетуваат универзитети и да работат за невладини организации.

Осудувајќи ја одлуката која ги спречува авганистанските девојчиња да одат на училиште по шесто одделение, Советот повикува на целосно, еднакво и значајно учество на жените и девојчињата во земјата, пишува „Анадолија“.

Советот ги повика талибанците повторно да ги отворат училиштата и брзо да ги променат политиките и практиките кои „претставуваат растечка ерозија“ на почитувањето на човековите права и основните слободи.

Воведена забрана

Меѓу другото, Советот нагласи дека забраната ќе има значително влијание врз акциите за хуманитарна помош во земјата, барајќи укинување на забраната за вработување жени во невладините и меѓународните организации во Авганистан.

Да потсетиме, талибанците на 24 декември годинава воведоа забрана за невладините организации да вработуваат жени во Авганистан.

Портпаролот на министерството за економија на привремената влада на талибанците Абдурахман Хабиб изјави дека министерството ја испратило наведената одлука до сите невладини организации во земјата и дека тие треба да се придржуваат до таа одлука.

Одземање на лиценцата

Посочија дека ќе им бидат одземени лиценците на невладините организации кои не го прекинале работниот однос на жените во Авганистан.

Министерството за високо образование на талибанската преодна влада на 20 декември објави дека образованието на студентките е суспендирано до понатамошно известување.

На жените и на девојчињата во Авганистан им се ускратени многу права, вклучително и образованието, додека економијата на земјата е силно погодена бидејќи меѓународната финансиска помош е прекината по доаѓањето на талибанците на власт на 15 август 2021 година, пишува „Анадолија“. Во тој процес, илјадници жени останаа без работа во државните институции и во приватниот сектор.

Слични содржини