Спасен планинар кој скршил нога на Водно

од Nikola Popovski

На Горно Водно денеска е извршено спасување на едно лице кое се здоби со скршеница на нога, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Покрај два припадника од МВР, медицинскиот тим од скопската Итна медицинска помош многу пожтвувано, заради планската оддалечена од пат локација на повредениот, пешки стигнале до местото на настанот со голема внимателност по замрзнатата патека, што се повеќе замрзнувала како што одминувал денот и се намалувале температурите. На лице место, со помош на полицајците од ПС „Карпош“ му дале прва помош и го згрижиле повредениот, согласно повредата, за да може на раце да се носи со носилка до возилото на итната медицинска помош, а потоа со возилото да се транспортира до медицинска установа, болница. Притоа тие и го загреале, бидејќи било се постудено“, извести ЦУК.

Додаваат дека условите за остварување на спасителната акција биле тешки, заради силниот ветер на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст бил непрооден и тежок за било кое возило, особено на осоите во сенка. Биле контактирани и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК).

„Од таму, паралелно биле контактирани и припадниците на Армијата, коишто имаат пункт на Средно Водно, а истовремено било контактирано и со Хеликоптерската единица за да се има комуникација во случај на потреба, но по кооринацијата, ови два субјекта немало потреба да интервенираат во конкретниот случај – но, биле во состојба на подготвеност. Регионалниот ЦУК Скопје информираше дека во 17.00 часот кај повреденото лице на помош стигнале специјалци од ЕБР на МВР. Тоа е од причина што локацијата и времето од денот дозволувала само на раце да се носи со носилка од силни луѓе со познавање на движење по планински патеки до возилото на итната медицинска помош околу еден час и повеќе“, соопшти ЦУК.

Како што извести Центарот за управување со кризи, привршува носењето на повредениот до возилото на Итната медицинска помош на Водно, па потоа со транспортот до болницата каде што ќе добие дополнителна медицинска помош за санирање на повредата.

„Со тоа спасителната акција на Водно, со голема пожртвуваност од сите ангажирани субјекти, се заокружува успешно буквално на крајот од денот – во првиот мрак. Инаку, според првичните информации од терен, повредениот возрасен граѓанин бил пасиониран и искусен вљубеник во Водно и на планинското пешачење, па речиси секоја недела се искачувал на Водно, дури и по трипати во некои недели. Но, денешното планинско пешачење на крајот од денот било кобно и по ненадејното лизгање ја скршил ногата. Го пронашол друг граѓанин кој ја користел истата патека за пешачење којшто и се јавил на 112 во ЦУК“, додаваат од ЦУК.

Слични содржини