Спасовски: Дојавите за бомби се монструозен чин, блиску сме до завршување на истрагата

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека дојавите за бомби во ЈСП и во училиштата, кои се случуваа изминативе неколку недели, се монструозен чин и дека во еден од случаите се многу блиску до завршување на истрагата.

Спасовски вели дека не треба да се биде голем експерт за тероризам или за организиран криминал за да се знае дека повеќе од јасно е оти станува збор за хибридни напади.

„Анализираме во неколку правци, за еден од случаите сме многу блиску до целосно завршување. Има неколку индиции кои даваат многу јасна слика во овој дел, но тоа се, пред сè, информации кои не може да бидат споделени, а се анализираат внатре во рамките на истрагата. Укажувам на тоа дека ова е монструозен чин, затоа што предизвикува вознемиреност и кај граѓаните и кај наставниот кадар и кај учениците. Предизвикува вознемиреност кај секој еден нормален човек без разлика од кои причини се прави – дали е од геостратешки, политички, бизнис причини. Сите аспекти се анализираат за час поскоро да се дојде до реализација на еден од тие настани“, изјави денеска министерот.

Тој оцени дека безбедносната состојба во државата е стабилна и нема никакви индиции за нејзино нарушување.

Слични содржини