Спасовски сведочеше за Рашковски: Не сум запознаен со набавката на софтверот

од Берта Китинска

Министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека додека бил технички премиер во 2020 година, не бил запознаен со набавката на софтверот за биометриска идентификација и системот за определување на просечна брзина на движење на возилата во сведочењето на денешното рочиште за случајот „Софтвери“ во кој е обвинет екс генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, неговата одбрана целосно се сложува.

Спасовски, рече дека во периодот јуни 2019 – јули 2020 година, како министер и технички премиер, мисли дека на Влада не било разговарано за набавката на ваков софтвер.

– Мислам дека не е дискутирано, зошто набавките ги прави генералниот секретар и доколку било предвидено во Генералниот план го прават сами, изјави Спасовски.

Прашан дали во рамки на МВР била формирана група за набавка на софтвер за определување просечна брзина, Спасовски рече дека од тогашниот премиер Зоран Заев добил мандатно писмо за утврдување модели и правење анализи за надградба на системот „Сејф сити” и во делот на безбедноста на сообраќајот.

– Не знам дали е тоа релевантно за случајот. Таква анализа е правена за потребите на МВР, а не за Владата. Како што кажав една од опциите тогаш беше да се набави нов софтвер, а друга да се надгради постоечкиот „Сејф сити” систем, рече Спасовкси.

За тоа кој го прави обезбедувањето на Владата, Спасовски рече дека има два типа надворешно и внатрешно обезбедување, кои ги врши одделот за обезбедување на лица и објекти при МВР.

На прашање од обвинетиот Рашковски, дали согласно законските обврски Генералниот секретаријат има доставувано точки на Седница на Влада, Спасовски одговори потврдно.

– Една од задачите на Генералниот секретар е да прибира материјали за седници, да прибира материјали од надлежни органи, да прави анализи и да предлага дневен ред, изјави Спасовски.

Следното рочиште е закажано на 8 ноември, кога треба да сведочи државниот правобранител.

Слични содржини